Поранешните Младинци, волонтираа на нивниот празник „25 Мај“ на градилиштето на „Хабитат Македонија“ во Велес со нивниот претседател Васил Тупурковски (Видео и фото)

Поранешните Титови младинци се фатија за тулите, го подготвуваа малтерот и лепакот за потоа со мистрии да го ставаат помеѓу редовите и да започнат со градењето на првите околни ѕидови на седмата зграда во популарно наречената Американска населба на „Хабитат“ во Велес. Под стручен надзор на инжинерот Костадин Настевски и градежни работници 31 поранешни Младинци, дел пензионери а дел и пред пензионирање, со доброволна работа поточно волонтерство, вчера, го одбележаа годинешниот 25 мај, нивниот Ден на младоста и роденден на Јосип Броз Тито, претседател на државата Југославија.

Додека пренесуваа тули, мачкаа малтер и лепак, имаа можност да другаруваат и да се потсетат на својата младост кога даваа придонес во развојот на тогашниот систем и општествено уредување преку креирање на младинската политика. Функционерите на Републичката младинска организација (Сојуз на социјалистичка младина на Македонија), на Сојузната младинска организација (Сојуз на социјалистичка младина на Југославија) беа учесници и на Младински работни акции во тогашните Република Македонија, СФР Југославија и дел на Меѓународни младински бригади во други земји со социјалистичко општествено уредување.

Со нив беше и нивниот младински југословенски претседател, Васил Тупурковски. На 74 годишна возраст и тој дојде во Велес на годинешното одбележување на празникот на Младоста за на градилиштето на „Хабитат Македонија“, американска профилација, сите заедно да одбележат и втор јубилеј, 20 години постоење на здружението за хумано домување „Habitat for Humanity Macedoniа“ – проект за изградба на домови на семејства со ниски примања во Велес.

Добредојде на сите им посака домаќинот, Зоран Костов кој е Извршен директор на „Хабитат Македонија“ и поранешен претседател на Младински совет.
Тупурковски, кој веројатно последен е Македонец кој имал можност да разговара со југословенскиот претседател Тито, се сеќаваше на контактите со младинците додека тие му укажуваа чест и се поздравуваа со него. Потоа додаде дека започнува да пишува книга токму за поранешната младинска организација.
Со своето учество и волонтерска работа, поранешните Младинци, покажаа дека другарството и почитта што ја негуваат меѓу себе им се најзначајни и воопшто не е важно дали тие биле поранешни, актуелни политичари, од различни партии во Македонија, или голем дел од нив се аполитични.

Така заедно работеа актуелниот заменик министер за надворешни работи, Зоран Димитровски, поранешниот министер за финансии Никола Поповски ( Претседател на Собрание на Р.Македонија) со поранешните пратеници Аце Коцевски ( секретар на ССМЈ и во три мандати градоначалник на Велес), Ангелка Пеева Лауренчиќ, Слободан Најдовски и Зоран Крстевски, со Зоран Поповски кандидат за претседател на Р.Македонија, со актуелен градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски и поранешен на Гази Баба, Борче Георгиевски како и со Златко Цветковски, актуелен секретар на Сојуз на Синдикати на Македонија, со поранешниот младински претседател Ристо Иванов и најголемиот дел од неговите членови на Претседателството, со Александар Папеш, претседател на градската младинска организација на Скопје, со Ванчо Трајковски и со Цане Мојановски, претседатели додека Сотир Костов, секретар на РК ССММ и членови на претседателствата во различни мандатни периоди на постоењето на тогашната социјалистичка младинска оранизација.

На градилиштето беа и поранешни новинари на македонските младински весници „Студенски збор“ и „Млад Борец“ како и актуелни новинари во македонски медиуми.

По завршување на работниот дел на заедничкиот ручек на младинците им се придружи и актуелниот претседател на Стопанска Комора на Македонија, Бранко Азески (поранешен претседател на сојузната младинска организација).

Средби по повод 25 Мај ќе има и во наредните години, поради тоа што освен другарството и старите пријателства кои траат над 32 години, овие поранешни Младинци сакаат да волонтираат и да помагаат на граѓаните во заедницата .
Убавка Јаневска
