Последен ден „Попис 2021“, попишувачите на терен и во канцеларии на општинската зграда до 20:00 часот
Во последниот ден на статистичката операција Попис, попишувачите се на терен а дел од нив работат и на две отворени места во зградата на Општина Велес. Околу 14:00 часот, кога Дума.мк ги посети попишувачите којшто работеа во двете канцеларии на општинската зграда имаше граѓани што се попишуваа но немаше метеж. Според тоа што можевме да го забележиме неделава, голем број на велешани, којшто во повеќе наврати попишувачите не можеле да ги пронајдат во нивните домови, ја користеа можноста да бидат попишани токму на отворените локации.
Постапката исто како и во домовите траеше околу 15 минути. Колку точно ќе бидат попишани жители во Општина Велес ќе се знае деновиве, информираше портпаролот на Државен завод за статистика, Јасмина Ѓоргиева.
До 15:00 часот, на територијата на државата попишани се вкупно 1.839.524 граѓани. Се очекува оваа бројка да се зголеми во наредните пет часа.
-Информациите поврзани со попишаниот број на домаќинства и станови го гледаме секоја вечер, што значи дека не можеме да го дадеме како најнов податок во текот на денот. Попишувачите се на терен во сите градови и населени места во општините а тоа што денес вие сте го виделе и за што сте се информирале во Општина Велес се отворени места со цел да им помогнеме на граѓаните кои не биле дома кога попишувачот ги посетувал да можат и тие да бидат попишани, додаде Ѓоргиева.
Отвореното место во зградата на Општина Велес, коешто се наоѓа од левата страна на катот, ќе работи до 20:00 часот. Исто како и во претходните три дена со цел да овозможи попишување на граѓаните, кои не биле пронајдени во домовите од почетокот на статистичката операција, којашто започна на 5 септември, годинава.
Убавка Јаневска