Потребна е итна интервенција: Ако не реагира општината, ќе се урне потпорен ѕид во Велес (фото)
Се уриваат камењата од потпорниот ѕид во сокакот позади куќата на Ванови, спроти Стар Мост, во Велес. Камењата паѓаат како последица на вибрациите од товарните возила и трактори кои поминуваат по цементираниот сокак и завршуваат во ѕидот на куќата на чија фасада има траги бидејќи ја оштетуваат, рече сопственикот Сашко Ванов.
„Ова беше калдрмен сокак. Мојот татко побара и успеа од општината да издејствува да се избетонира за што половина од финансиските средства ги плати тој а половина општина Велес. Тоа што тој успеа да го направи за доброто на сите соседи сега штета трпи неговото семејство. Штетата во последните години е драстична затоа што наместо пешачка улица по неа се одвива сообраќај, минат освен возила уште трактори и камиони. Тоа се тешки товарни возила затоа што пренесуваат дрва,камења,градежен материјал,песок, мебел и бидејќи се претоварени создаваат вибрации кои се одразуваат на стабилноста на куќата. Сокакот не е предвиден за сообраќај туку за пешачка намена, додаде Ванов.
Вибрациите од возилата влијаат и врз поголемиот дел на потпорниот ѕид кои не е изграден од цемент туку од камења. Камења имаше и денеска а погледот нагоре кон врвот на потпорниот ѕид открива дека тој не е целосно безбеден и може да се свлече. Особено критична состојбата која ја раскажува Ванов ја прави и глетката која открива дека токму на врвот на овој дел од потпорниот камен ѕид се паркираат и возила.
“Нестабилен е овој дел и во секој момент може да се свлече додека покрај него минат граѓани. Сокакот го користат и деца кои одат или се враќаат од училиште. Не сакам ниту да помислам дека ова може да премине во одрон и да биде причина за жртви. Тоа би биле фаталните последици на негрижата додека штета би имала и мојата семејна куќа, додаде Ванов.
Тој пред 7,5 месеци упатил писмено барање до општина Велес. Комисија излегла на лице место и констатирала дека треба да се превземе нешто.
„Но, до денеска ништо не се случи. Затоа не ми е јасно дали реакцијата на локалната власт треба да биде превентивна или пак се чека да се случи нешто па после да се интервенира. Очекувам да постапат пред да се случи некаква трагедија. Ќе додадам дека подлогата на сокакот е порозна и понира вода која завршува во мојата, во куќата на Пракицови и дуќаните на СИЗ-от. Возилата кои излегуваат од сокакот на ул:„8 Септември“ се вклучуваат непрописно и се причина за по неколку сообраќајни незгоди. Последната се случи минатата година и додека полицијата правеше увид се чудеше како од сокакот може да се вклучуваат на улицата „8 Септември“, додаде Ванов.
Тој затоа бара од општина Велес да забрани сокакот да се користи за сообраќај како и да се санираат потпорниот ѕид и цементната подлога.
Дума.мк во новинарски прашања побара одговори од општина Велес. Но не ги доби до објавувањето на веста. Ќе ги објавиме штом ги добиеме одговорите.
Убавка Јаневска