Повредениот велешанец во железничката незгода кај Горно Оризари се транспортира на скопска клиника
Велешанецот Е.П (46) години е тешко повреден во сообраќајната незгода што попладнево околу 16.30 часот се случи на железничката пругата Велес – Прилеп, на преминот кон Горно Оризари. Е.П го управувал патничкото возило марка „цитроен берлинго“, со велешки регистерски ознаки, кое по ударот од товарниот воз било одвлечено неколку метри и завршило во ров покрај пругата. Во незгодата четириесет и шест годишниот велешанец, кој бил сам во автомобилот, се здобил со скршеница на вратна кичма.
-По приемот во болница и направените прегледи од страна на дежурните лекари на Хирушкото одделение на пациентот му беше направена снимка на компјутер. Резултатите на лекарскиот тим ги виде и констатираше дека станува збор за скршеница на вратната кичма. Со возило и медицинска екипа пациентот во моментов се пренесува кон скопскиот Клинички центар, рече д-р Елеонора Јованова портпаролка на ЈЗУ Општа болница Велес.
На местото на незгодата, во 16.36 минути, прва стигнала екипа на Итна помош. Д-р Јадранка Мишкова рече дека пациентот бил во автомобилот но најверојатно од ударот бил исфрлен на задните седишта.
-Тој беше контактибилен но не се сеќаваше на ударот и на сообраќајната незгода. По прегледот во кој констатирав повреди во пределот на вратот и отворени повреди на главата, во делот на косата на черепот, извршивме мобилизација на делот на вратот и на кичмата по што го транспортиравме во велешка болница, рече д-р Мишкова.
Екипа на СВР Велес изврши увид на местото на сообраќајката. Додека траеше увидот товарниот воз од Прилеп за Трубарево стоеше на железничката пруга. Во 18:20 часот полицијата го заврши увидот и му дозволи на товарниот воз да сообраќа кон крајната дестинација.
Убавка Јаневска