Пожарот на градска депонија Велес е локализиран
Огнот што вчера попладне околу 16.30 часот се појави на една парцела на која се депонира неделен смет на градската депонија денеска на пладне е локализиран. Огнот не се проширил поради брзата интервенција на комуналните работници и на пожарникарите од ТППЕ од Велес. Две цистерни на комуналното претпријатие и едно против пожарно гаснеле се до утринава кога огнот на запалениот дел бил локализиран.
-Истовремено со цистерните со вода на градската депонија беа ангажирани и ровокопачи на ЈКП „Дервен“. Тие ја покриваа опожарената површина. Огнот не може да се прошири бидејќи останатата површина на депонијата, над 80 отсто, е затворена поточно редовно се покрива со земја. Освен се разбира парцелите на кои се депонира неделната количина на собран смет. Предизвикувач на огнот се високите температури. Дополнително ќе се утврди што го предизвика пожарот иако првите сомнежи се дека можеби станува збор за употребени плинска боцичка или шише од дезодоранс, рече портпаролката на ЈКП „Дервен“ Тодорка Пенкова.
Комуналните работници и механизацијата на претпријатието ќе ја надгледуваат опожарената површина.
-Интервениравме со едно против пожарно возило и двајца пожарникари затоа што од ТППЕ беше побарана испомош. Возилото и пожарникарите сега се повлечени од локацијата. Таму се наоѓаат комуналните работници и тие можат да ви ги дадат потребните информации, рече заменик командирот на ТТПЕ Велес Димче Јовановски.
Високите температури го зголемија надзорот на градската депонија за смет од страна на комуналните работници. Тие и вчера први го забележале пламенот и веднаш превзеле мерки за негово гаснење.
Убавка Јаневска