Притвор за маж и жена од Велес осомничени за продажба на хероин
Маж и жена, на возраст од 39 и 36 години, од Велес, добија притвор во времетраење од 30 дена откако Основно јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против нив и ги осомничи како соизвршители на кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“од Кривичниот законик.
-Осомничените маж и жена, кои живееле заедно,како вонбрачни партнери, во својот дом држеле наркотична дрога, хероин, во количина од 94,18 грама, во повеќе различни пакувања. При претресот на домот, осомничената преку прозорецот од куќата надвор исфрлила дел од наркотичната дрога. Полицијата во куќата пронашла и други предмети кои укажуваат на намерата за илегална продажба на дрога и тоа: една дигитална вага, пари, тетратка со записи за неплатени долгови од лица и платежни картички на име на различни лица, пишува во соопштението на ОЈО Велес.
Поради опасност од повторување на кривичното дело како и можност за бегство на осомничените, Jавен обвинител до судија на велешки суд достави предлог за определување мерка притвор. Судија на претходна постапка од Основен суд Велес го прифати предлогот и на осомничените им определи мерка притвор, во траење од 30 дена.
Стефани Манева