Прличкова: Целосно ќе ги разобличиме лагите и ќе докажеме дека градоначалникот Марко Колев има нула проекти во првите 100 дена

Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Велес на денешната пред конференција реагираше на отчетот од првите 100 дена од мандатот на градоначалникот Марко Колев и мнозинството во Советот предводено од ВМРО – ДПМНЕ. Тие образложија дека градоначалникот Колев во својата кампања ветувал решавање на сообраќајниот хаос, но три и пол месеци подоцна тој бил уште поголем.
-Сообраќајниот хаос е голем, посебно во централното градско подрачје кадешто со месеци стојат ископани улици. Ветуваше решавање на проблемот со кучиња скитници, но статистиката зборува дека уште повеќе велешани се нападнати од незагрижени кучиња. Наместо да го санира мостот на Башино село, поради несанирањето на патот после бензинската пумпа „Макпетрол“ во догледно време ќе се сруши и овој пат кон Речани. За спортско – реакреативни центри, изградба на катни гаражи, нов дом за пожарникари и велосипедски парк, подобро да не зборувам. Марко нема ниту еден проект. Проектот Горен дел на Градски пазар, асфалтирање на плоштадот во село Горно Оризари, полигон за велосипеди, памп трак во Градски парк, асфалтирање на улиците : 8 Март, Петар Поп Арсов, Меторија Андонов Ченто, Архиепископ Михаил, фекална канализација во Отовица се обезбедени пред тој да стане градоначалник. Буквално сите до еден проекти реализирани од основните и средните училишта, градинката и библиотеката, за кои како и за другите што допрва ќе се реализираат средствата во висина од 108 милиони денари беа обезбедени со одлука на претходниот совет и средства на МОН, рече Пандорка Прличкова, од советничка група на СДСМ во Совет на Општина Велес.
Прличкова ги наброја и проектите кои биле целосно подготвени, аплицирани и одобрени во претходниот мандат а се реализирале по лакалните избори.
-Прв проект е изградбата на улици во ИЗ УЗУС и набавка на возило за Територијалната противпожарна единица. Потоа, втор проект за уредување на Централно градско подрачје во вредност од над 750.000 евра обезбедени од Европска Унија, што сегашната власт го исмејуваше, сега го презентира како своја заслуга и трет проект за кои се обезбедени пари во вредност од 1.170.000 евра од Владата преку заем од Светска банка за реконструкција на улица а се аплицирани во Министерсртво за транспорт и врски, додаде Прличкова.
Исто така, таа обелодени проект којшто е голем и важен за граѓаните на Велес, а за кој градоначалникот Колев се уште не ја известил јавноста од непознати причини.
-Од Фондовите на ЕУ за преку гранична соработка со Грција обезбедени се 430.000 евра за изградба на Кејот од десната страна на Река Вардар. Можеби градоначалникот Колев чека да помине повеќе време за да си го препише себе си и овој проект, за пак да се кити со туѓу перја. На крај, жалбите за наводна тешка финансиска состојба се неосновани. Парите наместо за плати на нововработените заслужни партиски кадри, градоначалникот треба да ги вложи за помош на социјално ранливите граѓани. Наместо работа и подобрување на животот на велешани, од градоначалникот и мнозинството во Советот добивме партизација на администрацијата и згрижување на роднини и пријатели во државни институции, додаде Прличкова.
Советничката Прличкова најави дека во следниот период, пред јавноста, целосно ќе ги разобличеле лагите од отчетот на Марко Колев и јавно ќе прикажале дека тој има нула проекти во првите 100 дена.
Стефани Манева
