Продолжува хуманитарната акција за собирање на парична помош за Илија Станков „Праската“ кој побара да се лекува во Македонија
По одзивот што во изминатите неколку дена и особено во текот на денешниот ден го покажаа неговите Велешани наместо до денеска, 6 март 2023 година продолжува граѓанската акција за собирање на парична помош за велешанецот Илија Станков Праската. Додека тој се лекува од тумур во болницата „Стефан Високи“ во Смедеревска Паланка неговите сограѓани се одзваа на апелите за помош на Здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“ и на Ансамбл „Керамичар“.
„Во бараката на Ансамбл Керамичар граѓаните ќе можат да донираат во поставена каса за донации секој понеделник, среда и петок од 19:00 до 21:00 часот, до крајот на месец март,“ рече Томе Јаневски претседател на Ансамбл „Керамичар“.
„Од ден во ден се е поголем бројот на граѓани кои доаѓаат во месарница МИКАР и ги оставаат своите парични средства. Нивните имиња со сумите на доброволните прилози ги евидентираме на донаторски список на кој тие се потпишуваат. Денешниот ден покажа дека има потреба за продолжување на рокот што првично го утврди Здружението на акцијаши ветерани во Велес. Затоа ги информирам нашите сограѓани да повелат и да дојдат секој ден од 8:00 до 13:00 часот доколку сакаат да донираат за нашиот акцијаш ветеран на кого му е потребна поддршка. Исто така информирам дека со дел од првично собраните средства се купени 300 евра и во саботата наш претставник му ги предаде парите на Илија кога замина заедно со неговите пријатели Димче Трајчев, Ване Михајловски и медицинската сестра Елида Стоименова на посета во болницата „Стефан Високи“ во Смедеревска Паланка,“ рече Јордан Камењаров.
Тој додаде дека потребно е да се спомене дека донација во памперс пелени, влажни марамчиња и креми за нега испрати „Жива аптеки“ додека донација во производи, алва и локум, испрати и велешката компанија „Благој Ѓорев“.
Претставник на Здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“, денеска, ги исконтактира сите пратеници во македонскиот парламент др Ненад Коциќ, Игор Здравковски, Љупчо Пренџов, Димитар Апасиев и Даниела Стојановска Пановска со цел да им ја пренесе пораката од Илија Станков Праскатa која гласи: „Помогнете ми да се вратам на лекување во Македонија“!
Убавка Јаневска