Прогласени најдобрите работници и ученици на Општина Чашка, одбележан денот на општината

Со свечена седница на којашто беа прогласени најдобрите работници за 2022 година, најдобрите ученици за учебната 2022/2023 година, како и со доделувње на стипендии на талентирани ученици и студенти, Општина Чашка го одбележа 21-Август, денот на општината.
Пред доделување на наградите и признанијата, градоначалникот на општината, Горан Стојановски, пред присутните напомена дека пред шест години од блокирана општина и период на големи кризи, денес, Општина Чашка претставува позитивно салдо и голем број на успешно реализирани проекти коишто допринесуваат за подобар живот на граѓаните.

– Моја цел во наредниов период е да продолжиме како и до сега да создадеме подобри услови за живот во сите населени места со цел граѓаните да живеат подобро и подостоинствено, додаде Стојановски.
По предлог на директорите од сите институции на територија на Општина Чашка а со одлука на градоначалникот беа доделени награди за најдобри работници за 2022 година. За најдобар просветен работник беше прогласен Шукри Кадриов, за најдобар социјален работник Мартина Зафирова, за најдобар комунален работник Ангелче Андовски, за најдобар полициски службеник Игорче Димовски, за најдобар здравствен работник Нафи Дурмиши и за најдобар административен службеник Бојанка Мирова.

За време на свеченоста беа прогласени и најдобите ученици за учебната 2022/2023 година предложени од страна на основните училишта. Од ООУ „Тодор Јанев“ од Чашка за најдобар ученик беше прогласен Стефан Трпков, од ООУ „Петре Поп Арсов“ од село Богомила Аце Стојановски и Бесир Латифов од ООУ „Лирија“ од село Горно Јаболчиште.
Исто така, со одлука на советот на општина Чашка, беа доделени и стипендии за талентирани ученици и студенти и тоа на Филип Таневски којшто е редовен ученик во ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес, на Љавдиме Дурмишова редовна ученичка во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ во Велес и Ивана Ефремовска којашто е редовен студент на студиите за социјална работа и социјална политика при Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Со одлука на Градоначалникот на општина Чашка по повод денот на општината, благодарница за афирмација на општината и поддршка преку низа општествени активности како во општината така и надвор од границите на општината, доби Македонското здружение на иселениците од село Мелница, „МАК –МЕЛ“ со седиште во Бургдоф Швајцарија, преставувано од Претседателот Ердован Етоски.

За време на свечената седница присутни беа и Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, пратениците од Македонскиот Парламент Мухамед Кадриов и Ненад Коциќ, претставници од Армијата на РСМ, советниците од советот на општина Чашка, директори на локалните институции од нашата општина и бројни гости.

Како дел од активностите по повод одбележувањето на денот на општината, беше организиран и шаховски турнир во кој учество земаа десетина чесници во присуство на претседателот на советот Трајче Мишковски. За најдобри шахисти на турнирот беа прогласени Љупло Трајковски кој го доби првото место, Игор Димовски второ место и Филип Таневски трето место.
Во текот на утрешниот ден, на 23 август, со почеток во 09:00 часот ќе биде организирана и крводарителска акција во големата сала на ООУ ,,Тодор Јанев” во населба Чашка.
Стефани Манева
