Прв пат ученици од ССОУ „Коле Неделковски“ полагаа меѓуиспит по германски стандарди
Учениците од паралелките IV – 1 и III-1 од струката „Техничар за производно машинство“, во ова средно стручно велешко училиште полагаа Меѓуиспит по германски стандарди. Пред комисија составена и од ментори од партнер компаниите на училиштето, како дел од Дуално образование, учениците полагаа само теорија. Завршниот испит ќе го полагаат на крајот од месец јуни и ќе биде составен како од теоретски така и од практичен дел. Првиот дел во училиштето и вториот дел во компанијата. Меѓуиспитот има за цел да ги подготви учениците за претстојното полагање на Завршен испит.
Мониторинг на меѓуиспитот направи Дејан Чуповски, претставник на Делегацијата на Германското стопанство во Република Северна Македонија. Претходно Чуповски учествуваше во целокупниот процес на разгледување, избор и составување на испитниот материјал врз основа на испитни прашања кои се во согласност со германскиот модел на дуално образование.
Дуалното образование добива сè повеќе на популарност во Македонија. Германскиот модел за едукација и обука дава можност за раст и развој на македонската економија. Проектот „Дуално образование“ по германски модел и проектот„Учи паметно, работи стручно“ на министерство за образование и наука, со поддршка на Швајцарска агенција за развој и соработка, се развива и во него се вклучуваат сè повеќе домашни компании.
Инаку, во ССОУ „Коле Неделковски“ од оваа учебна година има две дуални паралелки по германски модел. Првата паралелка со квалификација од машинска струка „Техничар за производно машинство“ и втората со квалификација „Техничар за индустриска мехатроника“ од електротехничката струка.
Убавка Јаневска