Работата во безбедносните сили и во македонското правосудство веќе не е само машка професија (фото и видео)
За прв пат во организација на Секција на жени при Македонскиот полициски синдикат денеска во Велес се реализираше трибина на тема: „Родова еднаквост, предизвици и резултати“. Од панелистите на трибината, државникот секретар во МВР Магдалена Несторовска, претседателката на Основен суд Велес Лидија Димова и началничката на ОВР Кавадарци Благица Кицева присутните имаа можност да слушнат бројни информации за родовата рамноправност во македонската полиција и во судството кои како професии, до скоро, граѓаните ги гледаа исклучиво како машки.
Исто така интересни беа и личните приказни кои ги споделија Димова и Кицева, поточно две жени кои изградиле кариери, Димова од успешна судијка до актуелен Претседател на Основен суд Велес и Кицева, која облекла полициска униформа на 19 години а сега началничка е на Одделението за внатрешни работи во Кавадарци.
Тие поттикнаа неколку жени присутните на трибината да споделат лични искуства за нивните професионални препреки и личниот придонес во уривањето на општествените табуа за поделба на машки и женски професии.
Панелистите мотивираа две девојчиња, ученички во ССОУ„Коле Неделковски“, да соопштат дека нивна идна професија ќе биде токму полициската.
Државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска и Деканот на Факултетот за безбедност,Никола Дујовски во изјавите за Дума.мк говорат за веќе направената општествена промена со зголемена застапеноста на жените во безбедносната професија во Македонија.
На трибината,исто така, свои обраќања имаа Афродита Денковска претседателска на Секција на жени на Македонски полициски синдикат, Адријана Лазарова Наноски, членка на Претседателство на Секција на жени при Македонски полициски синдикат и Александар Костов, началник на Сектор за внатрешни работи Велес. Трибината се одржа денеска во Голема сала на Општина Велес по повод 8 Март – Меѓународен ден на жената.
Убавка Јаневска