Реконструкција на Инфективно одделение и изградба на Централна станица за довод на кислород во велешка Општа болница со државни пари

Објавено на 21 мај, 2025 во 16:27

Со финансиски средства на државата ќе се реконструира Инфективно одделение во Општа болница Велес. Министерството за здравство го прифатило и готовиот проект на болницата за изградба на Централна гасна станица за довод на кислород во болничките операциони сали, одделенијата за Интензивна нега и Хирушко,Интерно и Гинекологија и акушерство. Заменик министерот за здравство Јовица Андовски за Дума.мк рече дека двата проекти вредни се 75 милиони денари и биле изгласани на последната седница на Влада.

-Сега се чека само уште на распоредот што треба да го подготви Проектната единица на министерството за здравство којшто го утврдува почетокот на реализацијата на проектите додека финансиските средства се одобрени од Влада, додаде Андовски.  

Заменик министерот, кој вчера вечер ја сподели информацијата на социјалната мрежа Фејсбук, денеска најави прес конференција во велешка болница за соопштување на сите подетални информации.

-Реновирање на Инфективно одделение, прво по изградбата, ќе овозможи целосна функционалност на зградата додека Централната гасна станица за довод на кислород ќе овозможи современост на работата на цела болница. Сега кислородот во болничката зграда се носи во боци кои потоа се транспортираат на одделенијата и тоа не е нималку едноставна работа. За доводот на кислород, велешка болница, има подготвен Основен проект, Одобрение за градба и платени кумуналии на општината, додаде Бузалков.

За директорот на велешка Општа болница, Александар Бузалков,  двата проекти се подеднакво значајни за работата на здравствената институција.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.