Нов капацитет на градинката во Росоман
Се прошири капацитетот и на детската градинка „Праскичка“ во Росоман. Сега ќе може да бидат згрижени сите деца кои досега чекаа прием во градинка.
Денеска заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, градоначалникот на Општина Росоман Бранко Јанев и извршната директорка на Фондацијата Отворено Општество Македонија Фани Каранфилова-Пановска, присуствуваа на отворање на објект за згрижување и воспитание на децата во Општина Росоман. Објектот којшто е дел од ЈОУГД “Праскичка” од темел е реновиран со поддршка од Фондацијата отворено општество Македонија, средства од Министерството за труд и социјална политика и Општина Росоман.
Просторот е наменет за хетерогена група на возраст од шест месеци до две години и со него се намалува бројот на деца коишто се на листа на чекање.
„Нашата цел како Влада е што поголем број деца до 6 годишна возраст да се опфатат во предучилишното образование, бидејќи раниот развој е најважен за понатамошниот развој на децата. Продолжуваме да инвестираме во детската заштита, посебно во другите градови и руралните места низ Северна Македонија бидејќи инвестицијата во квалитетно предучилишно образование значи инвестиција во човечки капитал и води до напредок на државата”, рече Бајрактар.
Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија истакна дека со оваа инвестиција ФООМ инвестира во иднината на државата.
“Инвестирањето во раниот детски развој е основа на која се гради едно отворено општество. Раните години од детскиот развој нудат единствена можност да се создадат образовани, успешни, свесни и активни идни генерации кои ќе придонесат кон градењето просперитетно општество. Обезбедувањето квалитетните услови за ран детски развој создава еднакви можности за сите деца и им овозможува во целост да си ги искористат своите потенцијали.
Фондацијата Отворено општество – Македонија продолжува и понатаму да ги поддржува Владата на Република Северна Македонија и општините во нивните напори да овозможат што поголеми шанси за подобар раст и развој на што повеќе дечиња”, изјави Фани Каранфилова-Пановска.
Министертвото за труд и социјална политика продолжува да инвестира во детската заштита со тоа што ги подобрува условите за престој и воспитување на децата, но ги јакнеме и професионалните компетенции на воспитувачите. Со последното зголемување на платите, кај вработените во градинките платите се зголемија за 21%. За две и пол години МТСП има инвестирано во изградба, опремување и реконструкција и опремување на вкупно 31 објект за детска заштита. Во тек е изградба и опремување на уште 12 објекти.