Ротари „Клуб Бели Мугри“ со нова донација за 20 деца од ранливи семејства во Велес (фото и видео)

Објавено на 26 декември, 2022 во 18:12
Фото: Хуманитарен настан во игротека “Плеј“ во Велес

Многу насмевки и радост, забава, игра, дружба и создавање на нови другарства се случуваат традиционално, секоја година, на неколку дена пред испраќање на старата и дочекот на новата година во Велес. Се ова се случува на хуманитарниот настан организиран од Ротари „Клуб Бели Мугри“.

Настанот се одржа во игротека „Плеј“, која бесплатно го отстапи просторот, закуската додека аниматорката Кристина Јанева ги подготви интерактивните игри за децата и избра музика за да се создаде толку посакуваната новогодишна атмосфера. Ротари клубот ги купи играчките, новогодишните пакетчиња и го донесе и Веселиот Дедо Мраз.

Фото: Хуманитарен настан во игротека “Плеј“ во Велес

На забавата, пред очите на родителите на децата од ранлива категорија во Велес, Дедо Мраз прво ја раскажа приказната преку која упати порака значајна за сите родители. Пораката се состоеше во совети што треба да ги практикуваат, секојдневно, поточно да пронајдат време за дружење и разговори со своите деца покрај големиот број на работни обврски и трката по обезбедување на финансиски средства.

Фото: Хуманитарен настан во игротека “Плеј“ во Велес

 „Дечиња оставете ги мобилните телефони, таблети, лаптопи и уживајте во игрите со вашите маалски или школски другарчиња, на улица, во игротека или во вашите домови. Тој дел од детскиот живот е ненадоместлив, нема да се врати и не може да се купи со пари,“ им порача Веселиот Дедо Мраз на децата пред со нив да се фотографира и им ги подели подароците.

-За разлика од мината година, кога моравме да ја прескокнеме забавата и другарувањето во игротека ,поради пандемијата со коронавирус, па избравме подароците и новогодишните пакетчиња да ги поделиме пред Куката на Дедо Мраз на фотографското студио „МС“, годинава, ја продолжуваме традицијата. Овој пат ни се оствари желбата да им овозможиме дружење и игра на децата во игротека. Сакаме да видиме насмеани лица и радосни детски очи. Мислам дека ја постигнавме целта. Среќна нова година драги деца, бидете здрави и среќни, рече Трајанчо Николов од Ротари „Клуб Бели Мугри“.

Фото: Хуманитарен настан во игротека “Плеј“ во Велес

На почетокот на хуманитарниот настан, во име на Управен одбор и на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“, хуманитарката Ленче Здравкин се заблагодари на донаторите за организацијата на традиционалниот настан и посака нивниот пример да го следат што поголем број на донатори за да има што повеќе насмеани детски лица во Велес.

Фото: Хуманитарен настан во игротека “Плеј“ во Велес
Фото: Хуманитарен настан во игротека “Плеј“ во Велес
Фото: Хуманитарен настан во игротека “Плеј“ во Велес
Фото: Тимот на Игротека „Плеј“
Фото: Создадени нови детски пријателства

Настанот годинава се одржа по осми пат како дел од традиционалната партнерска соработка на ротари клубот и Фондација за локален развој и демократија „Фокус“. Она што посебно радува е фактот што дечињата меѓу себе создадоа нови пријателства.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.