Сатиричен осврт на општествено-политичкиот живот во 2025 година на афористичарот Коки
Објавено: 5 јануари, 2026, во 10:24 часот
Афористичарите се творци кои што секојдневието на граѓаните го гледаат од свој агол, ги разобличуваат општествените недостатоци, политичките страсти, човечките себичности, непромислености, мани и глупости, а со потсмев и на духовит начин критикуваат, опоменуваат и казнуваат. На висина на својата задача, да направи афористичка анализа на годината која што ја оставивме зад нас, афористичарот Никола Бошков КОКИ напиша:
Во годината што измина, нашата држава се обиде да чекори напред, кон Европа, но заглави со нозете во сопствените навики.
ПОЛИТИЧАРИТЕ зборуваа за некаква иднина, додека ГРАЃАНИТЕ ја мереа сегашноста по тоа, колку чини трпението.
ДЕМОКРАТИЈАТА формално функционираше, но суштински се беше сведено на договор.
ИНСТИТУЦИИТЕ ветуваа стабилност, а луѓето учеа флексибилност
МЛАДИТЕ беа најмобилниот ресурс, затоа што системот не знаеше што да прави со нив.
2025 година помина во знакот на големи ветувања и минорни, тивки реаултати, политичарите ветуваа големи промени, но си ги променија само местата и фотељите.
Надежта сепак, не исчезнува, промената не е невозможна, ама…е одложена.
Вашиот, Коки


