Коки: „И во бракот и во политиката најважно е кој го држи буџетот“
Објавено: 13 јануари, 2026, во 10:06 часот
Наместо понеделнички, овој пат најновите афоризми на Никола Бошков Коки ги објавуваме во вторник и најавуваме две неделна пауза во која ова наше афористичко перо ќе ги посвети на себе и на својата здравствена состојба. На Коки му посакуваме брзо „враќање и фаќање“ за афористичкото перо а вам, почитувани читатели на афоризми убав ден додека ги читате најновите афоризми, создадени деновиве.
„Како по некое непишано правило и на оваа бадникова вечер, во ПОГАЧАТА на Владата ПАРИЧКАТА пак падна…ВО ТЕНДЕРИТЕ.“
„Во политиката има опозиција, а во бракот опозицијата секогаш спие до тебе.“
„Постојано се соочуваме со политичари кои ја зборуваат вистината само тогаш, кога забораваат да лажат.“
„И кога ништо не работи, владата функционира совршено.“
„Утринското кафе не ми ги решава проблемите, само ме прави силен додека се обидувам некои од нив да ги игнорирам.“
„Во бракот како и во политиката компромисот е победа која никој не ја слави.“
„И во бракот и во политиката најважно е кој го држи буџетот.“
„Љубовта е Искра, а бракот…ОГНИШТЕ.“
„Љубовта кон иста жена, разделила многу пријатели.“
„Бракот не е монолог, туку претставува дијалог.“
„Денес сите сме онлајн, а се помалку во живо.“
Вашиот, Коки

