СДСМ Велес: „Локалната власт подготвува 100% покачување на ѓубрарината, иако е ненадлежна и постапката е спротивна на закон“
Предлогот на Советот на Општина Велес да се зголеми за 100 % цената за собирање и транспортирање на отпад како за домаќинствата така и за фирмите наиде на остра реакција на советничката група на СДСМ. По вчерашната седница, оваа советничка група, на прес конференција соопшти дека категорично ќе се спротистави затоа што одлуката била спротивна на закон и на надлежностите што ги има Советот на општина Велес.
„Ве известување дека ваквата одлука е спротивна на одредбите на законот за управување со отпад бидејќи согласно истиот закон, давателот на услуга е должен од крајниот корисник да ја наплати цената за услугата со управување со отпад според тарифата за отпад чија висина е пресметана согласно правилникот за тарифа за отпад која е одобрена од страна на регулаторната комисија.
Имајќи го во предвид ова истакнуваме дека Советот на Општина Велес не е надлежен да врши било какви корекции во однос на утврдување на цената за собирање и транспорт на комунален и индустриски неопасен отпад, туку за ова е исклучиво надлежна регулаторната комисија.
Ве известуваме дека нашата советничка група, категорично ќе се спротистави на ваков незаконски начин на велешани да им се наметнат поголеми комунални обврски, рече Катерина Ефремова советничката група на СДСМ.
Поради се ова од СДСМ сметаат дека „локалната власт на ВМРО ДПМНЕ Велес во немоќ и неспособност да оствари било каков проект кој ќе донесе корист на граѓаните,“ едниствено била способна „на незаконит начин да изнудува и троши пари од граѓаните за плаќање на партиските вработување.“
Ставот на советничката група е снимен вчера вечер додека траеше седницата на Советот на општина Велес.
Дума.мк побара став од ЈКП „Дервен“ и од градоначалникот Марко Колев. Ќе ги објави штом добие одговор.
Убавка Јаневска