Се кршат, туркаат на тротоар и се крадат ново поставени канти за отпад во Велес

Преку ноќ исчезна канта за смет од електричен столб на улица „Алексо Демниевски Бауман“ и пред Градска библиотека „Гоце Делчев“. Крадецот вешто го отштрафил долниот дел на пластичната канта и си ја земал. На електричниот столб го оставил само горниот дел, поклопецот. Таа е само една од повеќето коишто се поставени на улиците „Алексо Демниевски Бауман“, „Благој Ѓорев“ и „8 Септември“. Јавното комунално претпријатие „Дервен“ ги купува од парите на Велешани кои ги плаќаат месечните сметки за вода. Тоа воопшто не е значајно за дел од граѓаните кои ако и се намерачат тогаш или си ја присвојуваат или ја кршат. Глетките со искршени канти се грди за поголем дел сограѓани кои реагираат и прашуваат кои се вандалите и зошто нема механизам во локалната заедница тие да бидат спречени?

Од Јавното комунално претпријатие „Дервен“ за Дума.мк соопштија колкава е штетата во изминатата година.
„Изминатава година околу 30 канти од 120л (за комунален смет) се украдени и отприлика толку на број се искршени. Во текот на зимата, поради несовесно фрлање на неизгасната жар во контејнери за комунален смет, запалени беа два подземни контејнери и 5 контејнери од 5м3. Од корпите за отпадоци со капацитет од 50л околу 80 на број се искршени. Металните контејнери што се оштетени при вандализам, ЈКП Дервен ги репарираше, но претходно соопштените броки се однесуваат на пластични или изработени од специјално платно (подземни контејнери) коишто кога се оштетени се неупотребливи,“ пишува во одговорот на новинарските прашања.

Дел од граѓаните, коишто реагираа на појавата на уништувањето, сметаат дека решението мора да го најдат општината и полицијата. Ако сите предлагаа воведување на високи казни за да не се повторуваат кражбите еден сограѓанин, кој не дозволи да биде фотографиран или снимен, прашаше дали има реакција на институциите по јавно прикажаното видео од совесен Велешанец кој сними и јавно прикажа на Фејсбук крадец на цвеќе од градска жардинјера.

Дума.мк ќе ги испрати новинарски прашања, за оваа случка, до Општина Велес и Сектор за внатрешни работи Велес. До стигнување на одговорите ,од двете институции, останува само да го пренесе Апелот на градското комунално претпријатие во кој се бара од граѓаните да бидат поодговорни со поставените комунални садови за фрлање смет, да не го оставаат до нив туку во нив како и отпадот од пластика, стакло, хартија и електронскиот да го селектираат затоа што во Велес има доволно поставени садови, канти и контејнери. Оттаму, однапред се заблагодаруваат за личниот придонес на Велешани за заштита на животната средина.
Убавка Јаневска
