Се појавија првите позитивни Ковид-19 случаи во велешките училишта, наставата продолжува со физичко присуство

Објавено на 6 септември, 2021 во 14:48

На почетокот на новата учебна година директорката на ССОУ „Димитрија Чуповски“ , еден ученик на ССОУ„Коле Неделковски“ и двајца на СОУ„Гимназија Кочо Рацин“ се позитивни на Ковид-19.   Во изолација се наоѓаат само не вакцинираните ученици на два класа на СОУ„Гимназија Кочо Рацин“.

Од основните училишта во општината позитивни на Ковид-19 се еден наставник и три ученици на ООУ „Ваил Главинов“ додека четири ученици се во изолација. Во ООУ„Блаже Конески“ има три ученици позитивни а четири во изолација заедно со еден наставник.

Исто така, позитивни на Ковид-19 се директорката и педагогот на ООУ„Стојан Стојчевски Буридан“ додека нема наставници и ученици позитивни или во изолација. Во ООУ„Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари позитивен е училишниот психолог но нема во изолација наставен кадар, вработени во стручните служби или ученици.  Во ООУ„Свети Кирил и Методиј“ има двајца ученици во изолација.

Позитивни или во изолација нема во ООУ„Панко Брашнаров“ и во ООУ„Лирија“ во село Бузалково.

Хигиеничарка на детската градинка „Димче Мирчев“ е позитивна додека нема ниту еден случај во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ и во ОСУ„Јовче Тесличков“..

-Тоа е вкупната состојбата. Мислам дека доколку се земе во предвид  вкупната бројка на ученици и на вработени тоа не влијае на одвивањето на наставата, рече Градоначалникот на Велес Аце Коцевски.

На денешната прес конференција Градоначалникот, исто така, информираше дека пристигнати се сите учебници за реформираната настава за прво и четврто одделение. За првачињата се и поделени додека за учениците во четврто одделение се чекаат денеска за да бидат дистрибуирани од општината до училиштата.

Коцевски најави бројни набавки на опрема и зафати за реконструкција на училишни објекти во вредност од над 1 милион и 780 илјади евра од која се планирани  средства и за потребите на Народен музеј, градската библиотека и детската градинка.

-Исто така и од заштеди во висина од 104 милиони денари од блок дотациите кои беа не потрошени на крајот на 2020 година. Тие се веќе распределени на училиштата и другите јавни установи основани од општината. Во тек се постапките за јавни набавки. Тоа се огромни суми на средства коишто досега никогаш не биле вложени во нашите училишта со што во огромна мера ќе се подобри квалитетот на одвивање на образовно воспитната настава, додаде Коцевски.

Според Градоначалникот особено значајно е што за неопходни реконструкции, во образовните програми на Министерството за образование, се влезени голем број на велешки училишта што ќе донесат дополнителни средства од веќе предвидените 1 милион и 750 илјади евра и ја издвои изградбата на спортската сала на основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.