Шеесет и шест годишен Неготинец демнел и прогонувал полициски началник и неговото семејство, против него поднесена е кривична пријава
Одделението за внатрешни работи Неготино, до Основно јавно обвинителство Кавадарци, денеска поднесе кривична пријава против Љ.Т.(66) од Неготино поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „демнење“ од Кривичниот законик.
По преземените мерки и активности од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Неготино било утврдено дека пријавениот подолг период го следел и прогонувал, се мешал во личниот и приватниот живот на 41- годишен вработен како началник во ОВР Неготино, неговата сопруга и двете малолетни деца.
“Имено, пријавениот, во повеќе наврати воспоставувал и настојувал да воспостави контакти со оштетениот со движење во службените простории на ОВР Неготино и во централното градско подрачје на општина Неготино, скоро секој ден го следел неговото движење, доаѓал во ОВР Неготино, постојано го барал, а кога не го добивал го чекал пред вратата на неговата канцеларија, како и пред ОВР Неготино, постојано му ѕвонел на мобилниот телефон, снимал и објавувал видео клипови на социјални мрежи со навредливи и содржини со кои имал намера да му наштети на угледот,“ соопшти Сектор за внатрешни работи Велес.
Оттаму додаваат дека со ваквото однесување, пријавениот го сторил делото за кое е поднесена пријавата.
Убавка Јаневска