Смеа, игра и дружење на пролетните спортски игри за учениците со попреченост (фото)

Објавено на 30 март, 2022 во 13:58

Шеесет и пет ученици со попреченост од  седум основни и три средни училишта од Македонија, денеска, земаа учество на пролетните спортски игри организирани од страна на Федерација на училиштен спорт и ОУРЦ „Маца Овчарова“ од Велес. Учениците распеани, среќни и разиграни уживаа во вкупно пет спортски игри.  Претседателот на комисија за ученици со посебни потреби при федерација на училиштен спорт, Станислав Мирчевски, посака учениците да имаат едно убаво спортско дружење од коешто ќе понесат убави спортски спомени и ќе посакаат повторно да се дружат.

-Учениците денеска нема да се натпреваруваат, ова се спортски игри во коишто ќе можат да земат учество сите ученици без докажување, едноставно да уживаат во играта. Имаме пет игри на посебни полигони, првиот полигон е фудбалска игра – мал фудбал, потоа кошарка три на три, баскет, атлетика, тробој дисциплина којшто се содржи од три дисциплини и тоа скок во далечина од место, трчање на 50 метри и фрлање ѓуле, секако имаме и полигон пинг – понг. Ова се пет станици на коишто работиме во кружен систем, со цел секој учесник да покаже што знае и умее во сите тие пет дисциплини. Ова е убава можност учениците да ги искажат своите можности и способности и да научат нешто повеќе, додаде Мирчевски.

Пред почетокот на игрите учениците беа поздравени и од потпреседателот на училиштен спорт и претседател на Источниот регион при федерација на училиштен спорт на Македонија, Славчко Давитковски, којшто им посака лесна игра и многу забавно дружење.

Исто така, директорката на  ОУРЦ „Мача Овчарова“, Мирјана Дамјанович, свечено ги отвори пролетните спортски игри со што им додели благодарници на сите коишто придонеле истите да бидат организирани а посебно му се заблагодари на директорот на спортската сала, Левков Димче, којшто несебично ги отворил вратите на салата со цел да се реализираат овие игри.

Манифестацијата финансиски ја помогнаа „Кроација осигурување“, „Винер осигурување“ како и „Кватро трејд“ и „Кожувчанка“.

Во Федерација на училиштен спорт училиштата со посебни потреби станале дел од пред три години, но поради пандемијата предизвикана од коронавирусот постоел прекин и по пауза од две години ова се втори организирани игри.

Учениците во текот на следната недела ќе бидат во Македонски брод и на 13, 14  и 15 мај ќе бидат дел од Државно првенство коешто ќе биде организирано во Охрид.

Стефани Манева

Фото:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.