Со „Клуч за сопствен бизнис“ ќе се поттикнува самовработување на млади Велешани
Вкупно 48 ученици, 26 девојчиња и 22 момчиња, кои посетуваат средното општо образование во Велес, ќе добијат шанса освен со средношколска диплома своето прво вработување да го бараат и како сертифицирани Декоративни или Модни дизајнери. Сертификатот, исто така, ќе им овозможи отворање на сопствен бизнис во родниот град, во Македонија.
Се што треба да сторат талентираните млади луѓе за изработка на мебел и декоративни предмети како и за изработка на модни парчиња, е во септември, годинава, да се пријават на Повик на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“, да бидат избрани, да посетат 16 обуки од обучувачи коишто се специјализирани за Декоративен и за Моден дизајн, практично да се оспособат и да бидат наградени со Сертификат. Сертификацијата ќе им понуди можност за работа, за обезбедување на лична егзистенција и за живот во локалната заедница.
„ По обуката ќе следи и практична работа во времетраење од еден месец. Исто така, на сите учесници, ќе им биде дадена и советодавна бесплатна правна помош за тоа, како да започнат со самовработување преку самостоен бизнис. Главниот фокус ќе биде за многу кратко време да имаат интензивна едукација која ќе ги подготви да бидат компетитивни на пазарот со стручна квалификација која ќе ги вброи во рамките на статистиката на вработени и успешни граѓани во велес и во Република Северна Македонија,“ рече проектната координаторка Убавка Јаневска.
Иновативната компонената на овој проект е креирањето на два вида на Програми за едукација, во област на декоративен и на Моден дизај, со акцент на практична работа која што во Општина Велес ја нема. Достапните програми од овие области се на државно ниво и тие чинат од 1800 до 2600 евра. Тоа за ранливите категории ги прави недостапни. Програмите коишто ќе се предаваат ќе бидат сертифицирани од Центарот за образование на возрасни на Република Северна Македонија и по тежина, со кредити, скоро на учебници за средно образование поточно препознаени во земјата и во странство.
„Вториот дел од иновативната компонента на проектот е пренесувањето на добрите практики на искусни практичари низ практична работа во реален случај кој ќе ги подготви и мотивира учесниците за неодложно започнување со сопствен бизнис преку самовработување. Како завршен настан на проектот ќе биде организирана Модна ревија со презентирање на 10 најуспешни модни дизајни од практичната работа на учесниците во Моден дизајн и Тивка аукција на сувенири, рачни изработки и декоративни предмети во Ликовен салон во Велес“, рече проектната асистентка Маја Чадиева Џенсен.
Проектот се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот „Клуч за сопствен бизнис“ кофинансиран е од Општина Велес и ќе се спроведува вo времетраење од девет месеци.
Стефани Манева