Собрани 1520 оброци кои бесплатно ќе се поделат во понеделник, на Св. Никола, во Велес
Вкупно 1520 празнични ручеци подготвени од страна на гостилница „БОЕМ“, во понеделник, на 18 декември, бесплатно ќе бидат поделени на велешани. Оваа голема хуманитарна акција има за цел да не остави гладен ниту еден граѓанин за време на големиот верски празник, но и да му помогне на велешко семејство Димови целосно да го реновира својот дом.
На платото пред зградата на Основен суд Велес, ќе биде поставен и штанд на детската градинка „Димче Мирчев“ на кој по симболична цена ќе се продаваат рачни изработки од дечињата. Свој штанд ќе има гастрономскиот смер на ССОУ „Коле Неделковски“ на кој ќе може да се купат посни десерти за празникот, додека на штандот на пензионерите од Здружение на пензионери Велес ќе може да се купи сукано и тегнето. Сите собрани средства од штандовите ќе бидат наменети за пет членото семејство од Велес во кое само таткото е работноспособен, додека неговата сопруга и трите деца се со посебни потреби.
-За време на акцијата Велешани преку разглас поставен на плочникот ќе ги забавува радио „Голди“ со Божана Ќулавкова Чадиева во живо. Воедно големо благодарам на „виновниците“ кои ни пружија помош и доверба а тоа се Пан промет и т.а. Мартин, Ротари клуб од Велес, Грин енерџи ГЕ од Велес , Лутекс – Велес, Евангелска црква од Велес заедно со Филип Иванов, Лион од свети Николе (донација на новогодишни пакетчиња), Рената и Саше Димови, Ердован Етоски, Александра Пачемска , група млади момци кои инсистираа на анонимност, Ташко Гуџов со семејството. Посебно големо благодарам до Александар Ѓорѓиевски и неговото здружение „Подај рака – спаси живот“ кое заедно со група мајстори од Велес ќе го реновираат домот на семејството Димови, рече организаторот Трачје Мешков, сопственик на гостилница „БОЕМ“.
Исто така, за време на акцијата на црвен тепих поставен на плочникот пред судот ќе може да се донираат детски пакетчиња кои подоцна ќе бидат доделени на дечиња од социјално загрозени семејства.
Инаку, годинава за прв пат се прави една голема хуманитарна акција за делење бесплатен оброк на социјално загрозени семејтва, наместо неколку коишто се случуваа во месец декември, пред и по новогодишните празници.
Поканети се сите велешани, во понеделник, да го посетат плочникот пред судот во градот, да земат бесплатно гравче и риба, симболично да донираат и сите заедно да помогнеме на оние на коишто сме им најпотребни.
Стефани Манева