Креативните производи на вештите жени од Свети Николе изложени во Славјански универзитет
Рачно изработените креативни производи на Креативките од Свети Николе, кои во изминатата година беа учеснички во проектот „Економско јакнење на жените од Вардарскиот регион“, денеска се поставени во витрини во ресторанот Москва на Славјанскиот универзитет во Свети Николе. Креативките дојдоа и се вклучија во редењето на витрините со нивните изработени производи за да ги промовираат пред своите сограѓани. Станува збор за убави рачни изработки на накит, ташни и украсни предмети што сега чекаат на потенцијални купувачи.
„Со поставување на овие витрини започнува фазата на промоција и потенцијална продажба на креативните изработки на жените вклучени во проектот и активностите. Еден од начините на промоција е овој останатите се однесуваат на веб промоција преку сајтот Креативка.мк, агентите за продажба кои на терен ќе ги промовираат производите пред бизнис заедницата и други заинтересирани лица. Изложените пак производи, во овие витрини, ќе може секој заинтересиран купувач да ги погледне и доколку му се допаднат истите да ги откупи од Креативкте. Со тоа од една страна ќе имаме задоволни купувачи а од друга страна ќе се постигне целта на проектот поточно економско зајакнување на жените преку продажба на производи и генерирање на сопствени приходи,“ рече координаторот на проектот Марија Алчева.
Креативните жени од Свети Николе кои беа вклучени во проектот на Фондација „Фокус“ од Велес се повеќе од задоволни што добија можност да ги усовршуваат своите вештини, да изработат креативни предмети и да ги презентираат пред јавноста. Една од нив беше и Рахела Симеонова Манева која денеска рече дека е задоволна што учествуваше во проектот и што сега таа и останатите седумнаесет жени промовираат дел од своите изработки создадени за време на работилниците во Креативниот центар во Велес.
„Ние сме многу благодарни што Фондација Фокус преку овој проект ни даде можност да учествуваме во тие креативни работилници и да изработиме производи кои што еве сега можеме и да ги изложиме во ветрини во ресторанот Москва кој што е дел од Славјанскиот универзитет во Свети Николе. Тука можат да ги погледнат сите наши сограѓанки се разбира да купат навистина убави и креативни изработки на накит, сувенири, дамски ташни и друго“, рече Симеонова Манева.
Освен во Свети Николе вакви витрини со креативни изработки на жените од овој проект ќе бидат поставени и во останатите општини од Вардарскиот регион. Тоа е само една од повеќето активности на овој проект што во изминатата година ипол се реализира од страна на Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ во партнерство со словенечката „ИРД“ финансирана од Министерство за надворешни работи на Република Словенија./Д.С