Студентите на Меѓународниот Славјански Универзитет ги слушаат најновите научни истражувања на најпопуларниот астробиолог во светот
За новите откритија во науката и новiиот живот во вселената говореше професор др Милтон Веинрајт од Велика Британија пред студентите на Меѓународен Славјански Универзитет „Г.Р. Державин“ во Свети Николе. Студентите беа меѓу првите кои имаа можност да слушнат за научните достигнувања на еминентниот и во моментот најпопуларен астробиолог во светот. Професор Веинрајт дел од своите најнови истражувања ги публикуваше неодамна и сега вели дека во наредната публикација, за скоро време, ќе го објави преостанатиот дел од своите истражувања.
„Драго ми е што сум тука и што имав можност да говорам пред студенти во Македонија. Пред две недели ги испратив до надлежните институции за објавувањево во мојата земја најновите научни откритија. Инаку на оваа тема прв пат објавив научни факти пред дванаесет години. Досега сум објавил дваесет научни труда, “ рече професор др Веинрајт.
Тој беше задоволен од вниманието и интересот со кои студентите го следеа неговото предавање на Универзитетот. Тоа беше прво од неколкуте што во наредните денови ќе имаат можност да ги проследат.
Професор др Веинрајт сега главно се занимава со проучување дали метеорите и астероидите при своето поминување покрај земјата во астосферата оставаат микроби. Неговото последното големо откритие е од септември 2013 година кога повторно пронајде живот во стратосферата, и ова откритие буквално го потресе светот. Сите светски медиуми пишуваа за ова. Веста ја пренесоа и македонските медиуми. Многумина ова го протолкуваа како прв директен доказ дека животот на земјата дошол од вселената.
Овој еминентен истражувач работи во Оделот за молекуларна биологија и биотехнологија на Универзитетот Шефилд и предава микробиологија и астробиологија. Тој е член на Кралското астрономско друштво, а почесен професор е на Универзитетот на Кардиф во Велс, Универзитетот на Кралот Сауд во Саудиска Арабија и Универзитетот на Бакингем во Англија.
Има неколку значајни откритија од областа на микробиологијата, за бактерии и други микроби кои предизвикуваат рак и др. Има предизвикано и многу контроверзии со тврдењата и докажувањето дека Чарлс Дарвин ја украл идеја за еволуцијата, за тоа како животот на Хитлер бил спасен со пеницилин ,кој во тоа време бил недостапен и многу други работи за историјата на пеницилинот и стрептомицинот.
Со астробиологија почнува да се занимава пред повеќе од една декада проучувајќи го црвениот дожд во Керала во Индија каде во 2001 година пронаоѓа бактерија во стратосферата на 41 километар од земјата. Се смета дека бактериите може да преживеат на максимум 10 километри од земјата и бактерија голема колку честичка не може да опстои на таа височина. Но, тој меѓу другото докажува дека таа бактерија е жива, и пронаоѓа повеќе бактерии кои живеат во стратосферата. Меѓу нив и досега непознати видови на бактерии кои според сите математички пресметки на нивната големина невозможно е да стигнат таму од земјата . Во врска со медицината, познат е по пронаоѓањето на бактерија која има 2 вида на надворешни обвивки и предизвикува некои од видовите на рак, но поради нејзината обвивка тешка е за детектирање и создава забуна./Д.С