Одбележан празникот Масленица на Меѓународниот славјански Универзитет
Со традиционалниот обичај на палење на кукла, пеење на стари руски песни, културно уметничка програма и палачинки денеска Меѓународниот славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“, Амбасадата на Руската Федерација во Македонија и Сојузот на друштва за македонско руско пријателство, во Свети Николе, го чествуваа верскиот празник Масленица или Прочка. Присуствуваше амбасадорот на Русија во Македонија Олег Николаевич Шчербак и заедно со директорот на Меѓународниот славјански Универзитет Јордан Ѓорчев ги поздравија присутните гости.
„Празникот се слави во сите славјански земји нормално со различности но суштината му е иста. Ова денешно празнување е добра можност да ги надминеме разликите и бариерите, да се навратиме на нашите корени и при заедничкото празнување да ги препознаеме заедничките корени. Празникот ни овозможува да се запознаеме едни со други и да празнуваме заедно,“ рече Николаевич Шчербак.
„Масленица се организира во Свети Николе веќе традиционално неколку години. Се надевам дека оваа традиција на славење на овој руски празник ќе стане заштитен знак на нашиот град бидејќи преставува реално зближување на двата славјански народи. Понекогаш токму тоа зближување нуди можности и за нови контакти како стопански така и културни,“ рече Ѓорчев.
На свечената програма во преполниот амфитеатар на Универзитетот настапија градскиот мандолински оркестар „Свети Николај“ од Свети Николе, Рускиот вокален ансамбл „Чајка“ и поетесата Елена Сековска.
Потоа во дворот на Меѓународниот славјански Универзитет беше испочитуван традиционалниот обичај на палење на кукла како дел од обичаите со кои се празнува Масленица во Русија. Присутните, домаќини и гости, пееја руски народни песни. Откако изгоре сламената кукла и со неа беа избркани лошите духови следеше и благословот дека од утре секој човек, добар верник, ќе го следи добрина.
Елена Силјановска од руското здружение на сонародници во Македонија ја објасни симболиката на празникот и начинот на кој Масленица се одбележува во Русија.
„За овој празник во Македонија се подготвува баклава а Русите подготвуваат палачинка како симбол на сонцето и во чест на доаѓањето на пролетта. Секој ден во неделата пред Масленица која Русите ја нарекуваат Масленична или посна недела и не јадат месо туку тестенини и риба, има свое посебно име. Вие во Македонија во еден ден, во недела, одите да побарате прошка од постарите додека кај нас тоа се прави повеќе денови. Точно се знае кога се бара прошка од мајката и таткото, кога од бабата и дедото, кога одат кај младенци. Тогаш гостите се пречекуваат со палачинки. Според паганските обичаи на овој празник треба физички за преку физичката болка да ја извадиш од себе негативната енергија. Така се тепаат деца со деца или мажи со мажи. Потоа во недела ќе си побараат прошка, ќе одат на гости од куќа во куќа и ќе си побараат прошка. И куклата што ја палиме е симбол на еден пагански обичај , на старото, на се што поминало, старите болки, лоши работи, гревови и караници. Не секаде во Русија таа се пали. Има делови од државата во кои куклата се пушта по вода додека во други региони се прави голема кукла која се распарчува за делови од неа да се стават во куќата, во пондилата, во шталите за да ги чува луѓето, добитокот и другите добра од лошото,“ рече Силјановска.
Таа е Русинка која неколку децении живее во Македонија.
Убавка Јаневска