Општината го решава проблемот со водоснабдување на светиниколско Горобинци
Eден од шестте активни бунари, кои се чистат, во месноста „Дивљак” ќе се користи за вода за пиење за околу 700 жители на селото Горобинци.
– Почнавме со чистење на алтернативните бунари во месноста „Дивљак“ кои беа заборавени од претходната власт и оставени на милост и немилост, иако за нив се потрошени неколку милиони евра народни пари. Со ова планираме рестартирање на бунарите, нивно ставање во функција и задоволување на потребите со вода за жителите во село Горобинци и повисоките места во градот, рече Градоначалникот на Општина Свети Николе Сашо Велковски.
Општината денеска го очекува проектот за изградба на цевководот долг над три километри, од овие бунари до селото Горобинци за веќе наредната недела да распише јавен повик за негова изградба.
– Во буџетот имаме планирано два милиони денари за цевководот и 3.700.000 денари за нов песочен филтер за шестте активни бунари, доколку се потребни дополнителни средства ќе ги обезбедиме и од нашиот буџет, вели Велковски.
Свети Николе ги користеше овие бунари една година во времето кога градоначалник на општината беше Слободан Даневски за потоа повторно да биде приклучен на системот на браната Мавровица и потоа на Хидросистемот „Злетовица”. Инвестицијата за изградба на бунарите чинеше околу 1,5 милиони евра.
Сега активни, со вода, се само шест додека пресушени се три обунари. Од еден од нив се снабдуваат жителите на село Кнежје. Вториот ќе се стави во употреба по изградбата на цевководот до селото Горобинци и останатите ќе се користат во лето, кога пеколните горештини создаваат проблеми во повисоките зони на Свети Николе. /У.Ј