Градоначалникот Велковски: Центар за јавно здравје Велес да отвори пункт во Нов здравен дом во Свети Николе
25.07.2020
На територијата на општините Свети Николе и Лозово има 195 заразени лица од КОВИД-19 додека 132 лица се во самоизолација по основ на контакт со заболени лица. Сите заразени лица се со полесни симтоми на болеста и вон животна опасност.
Кризниот штаб на општина Свети Николе на последната седница ја разгледа актуелната ситуација во врска со превземање на мерки за справување со КОВИД-19.
-На седницата се донесе одлука да се побара помош од екипи на Центар за јавно здравје Велес да отвориме пункт во Нов здравен дом , каде ќе можат да се земат брисеви на заболените лица од КОВИД-19 кои досега мораа да одат на тестирање во Велес за да се утврди дали лицата се оздравени од коронавирусот. Со ова ќе ги намалиме трошоците за превоз за лицата но и намалување на бројот на транспорт од здравствениот дом во Свети Николе. Со цел подобро справување со вирусот, донесовме одлука за барање на санитетско возило за потребите на Здравствениот дом „Г.Гаврилски“ со што ќе ги подобриме услугите на граѓаните на општина Свети Николе, рече градоначалникот Сашо Велковски .
На седницата, исто така, за потребите на Црвениот крст Свети Николе , донесена е одлука да биде побарано возило од Црвениот крст на Македонија со цел навремена дистрибуција на потребни лекови и храна на заразените лица и лицата во самоизолација.
Во наредните денови , полициската станица во Свети Николе ќе спроведува засилени контроли на терен за контрола на мерката за носење на заштитни маски и спроведување на јавниот ред и мир во Свети Николе, како и контроли на фирмите кои вршат автобуски превоз за патници.
Градоначалникот Велковски и понатаму апелира до сите граѓани на Свети Николе за почитување на мерките и препораките од Министерството за здравство и Владата за носење на заштитни маски и држење на дистанца./У.Ј