Протест за вода за наводнување најавија земјоделци од светиниколските села Мустафино и Ерџелија
31.07. 2020
Исушените ниви со пченка, бостан и бавчите со градинарски производи во светиниколските села Мустафино и Ерџелија не се навадени деветнаесет дена. Тие само во денот понеделник имале по четири часа вода. За штетата што ја претрпеле, за утре, најавија протест ако до вечерва не остварат средба со раководството на Подружницата на Водостопанство во Свети Николе.
– Ако браната нема вода, барем да ни кажат, да си ја собереме опремата и да работиме нешто друго. Вкупно 19 дена нема вода. Кое растение ќе издржи без вода на овие температури. Ние сакаме само вода да се пушти до нивите за можеме да си ги прехраниме семејствата, вели Дејанчо Атанасов, земјоделец од Мустафино.
Раководството на Подружницата на Водостопанство соопшти дека не е точно дека нивите се суви 20 дена, но потврди дека имале рестрикции. Така само можело преку каналската мрежа да стигне вода и до нивите во Лозово и Дорфулија, каде уште не ни почнала сезоната за наводнување.
-Има диви приклучоци и земјоделците самоволно се приклучуваат на системот. Поради диво приклучените водата тешко стигнува до Лозово и затоа се одлучивме за рестрикции. На земјоделците им соопштивме дека рестрикциите ќе траат по пет дена, по што пак ќе добијат вода. Не гледаме причина за протести кога имавме повеќе средби со земјоделците, велат од Подружницата Овче поле.
Овој проблем, со наводнувањето во Овче Поле е повеќе децениски./У.Ј