Тодорова сабота,празник за средби на моми и ергени во Свети Николе
Во изминатите три дена, во кои Светиниколци го славеа празникот Тодорова сабота, градот го посетија неколку илјади гости од соседните градови, од Скопје, од Радовиш, од Струмица, од Гевгелија. Од петокот до неделата вечерта ширум отворени беа вратите на домовите на домаќините, на рестораните и на кафетериите.
Работеа продавниците, слаткарниците, уличните продавачи на пуканки, балонџиите, се продаваа од разно разни дребулии до мебел на панаѓурот кој исто така е составен дел на празникот.
И додека играорците од ансамблите, учесници на годинешниот 14-ти Меѓународен фестивал на изворен фолклор, минуваа во дефиле низ улиците на градот или настапуваа во домот на култура на популарно наречените „Плочки“ во центарот на градот, низ градскиот парк и споредните улици се движеа реки од луѓе, домаќини и гости.
Сите тие дојдоа, секој на свој начин, да ја празнува Тодорица со прошетка, на визита кај пријатели и роднини, со ручек или вечера во ресторан, со посета на кафетерија или на панаѓур.
Стотици тезги беа поставени под и околу градскиот стадион на кои производи нудеа фирми и трговци поединци.
Светиниколци задоволно раскажуваа за значењето на празникот. Постарите граѓани седнати на клупите задоволно гледаа во големиот број на млади луѓе што доаѓаа од сите страни на градот и се присетија на својата младост.
– Во наше време, кога ние бевме млади, на празникот се организираше голем собор. Токму во центарот на градот доаѓаа сите моми и ергени од градот и околните села. Тука на орото кое го игравме беа создадени многу пријателства, се сретнуваа многу погледи и се раѓаше љубов. Така потоа се склопува бракови, се создаваа семејства, раскажуваше Санде.
Тој и неговиот сосед Ангел сега ги изнесоа своите сопруги во центарот на Свети Николе да поседат на клупите и да ги видат гостите кои играа и пееја „на Плочки“. Тие задоволно констатираа дека и годинава им дошле многу гости. Рекоа дека тоа е затоа што Светиниколци се гостопримливи луѓе кои освен со храна, песна и оро нема да им дозволат на гостите да си заминат „ако не земат бод“ што поточно значи ако не испијат доволно ракија и вино и ако не изедат доволно мезиња, месо и светиникоска Пастрмајлија.
И градските хроничари, историчари и етнолози ги потврдија зборивите на Санде и Ангел. Освен што за празнувањето на Тодорова сабота рекоа дека го симболизирал соборот како место за собирање на ергените и момите, светкањето со огледалце за да искажат љубов, според некој преданија, на тој ден многу млади невести по одењето во црква и причестување, во невестински фустан, за прв пат по мажењето оделе на гости кај своите родители.
Традицијата продолжува, таа е дел од градот и граѓаните кои веднаш штом ги испратија гостите рекоа дека ќе ги започнат подготовките за одржување на манифестациите за вгодина.