За студентите од Меѓународниот Славјански универзитет можност за двојни дипломи
Студентите кои студираат на Меѓународниот Славјански универзитет „Гаврило Романовиќ Државин“ во Македонија ќе можат истовремено да студираат и на Тамбовскиот државен Универзитет „Гаврило Романовиќ Државин“ во Руската федерација . Двата универзитети имаат наставно научна програма за здобивање со двојни или заеднички дипломи за студенти кои студираат на двата универзитети. Деновиве програмата ќе ја слушнат студентите во Македонија кои ќе добијат можност да почнат паралелното или во исто време да студираат на двата универзитети.
За таа цел во Свети Николе на Меѓународниот Славјански универзитет „Гаврило Романовиќ Државин“ се пристигнати докторот по филолошки науки и професор по руски јазик Валентина Павловна и нејзината колешка Наталија Василевна Рипкина, доктор на педагошки науки од Тамбовскиот државен Универзитет „Гаврило Романовиќ Државин“ во Руската федерација. Професор д-р Павловна е началник на одделот за наставно школска дејност додека професор д-р Василевна Рипкина е началник на одделението за развој на образовниот процес на Тамбовскиот државен универзитет. Тие неделава ќе ги посетат и факултетите на овој универзитет во Битола.
– Веќе две години интензивно работиме на создавање на наставно научна програма за здобивање со двојни или заеднички дипломи на смеровите економија, менаџмент, организација и финансии, како и факултетот за психологија. По две годишна работа сега е време да се воведе во пракса, рече проф д-р Павловна.
Претходно ректорот на Тамбовскиот државен Универзитет „Гаврило Романовиќ Државин“ во Руската федерација, Владислав Михајловиќ Јуриејев и ректорот на Меѓународниот Славјански универзитет „Гаврило Романовиќ Државин“ во Македонија, Душан Николовски потпишаа договор за соработка.
– Програмата за двојни дипломи овозможува да се прошири образованиот простор како на студентите така и на високо образовните институции односно Универзитетите. Тие двојни дипломи им овозможуваат на студентите да се здобијат со базично образование како во домицилната земја, во случајов Македонија, така и во Русија. Значи ќе имаат и руска диплома која понатаму ќе им овозможи поголем избор на професионален план, рече проф д-р Василевна Рипкина.
– Доколку зборуваме за економскиот дел од науката во Тамбовскиот државен Универзитет постои многу силна економска школа поточно смер предводени од ректорот Владислав Михајловиќ Јуриејев. Ние во Тамбовскиот државен универзитет имаме наставно – научен совет кој може да извршува одбрана на докторски дисертации со висока репутација во Руската федерација. Тоа што студентите ќе дојдат да слушаат предавања кај нас ќе се здобијат со висок квалитет , ќе можат да го оценат знаењето на професорите од овие смерови кои ви ги предлагаме и се надеваме дека тоа многу ќе им помогне во понатамошниот живот, рече проф. д-р Павловна.
Иста ваква можност се отвора и на студенти во Руската федерација кои ќе доаѓаат на студии во Македонија поточно на факултетите во Свети Николе и во Битола.