Свиткан и оштетен дел од контејнерот за „Нула отпад“ пред „Вел Сити мол“ во Велес
Затворената врата на долниот дел на контејнерот, каде се собира електричниот и електронски отпад, батерии и акумулатори на контејнерот поставен од страна на „Нула отпад“ е искривен, свиткан и оштетен.
„Несовесни граѓани му се намерачиле и го оштетиле иако е доволно добро искористен од страна на станарите во зградата на „Вел сити мол“. Од како сме вселени во стамбениот објект целосно ја користевме неговата функција бидејќи разновидноста на електричниот отпад којшто во него се одлагаше ни ги празнеше домовите. Комплексот располага со доволен број на контејнери кои поттикнуваат во пракса да стекнеме навики за рециклирање на отпадот од домаќинствата. И сега се случува, некои несовесни граѓани да дојдат и да го оштетат, за да не го користиме,“ рекоа за Дума неколкумина жители во овој нов комплекс во Велес.
Сликата на лице место покажува дека оштетувањето на контејнерот е најверојатно направен „мајсторски“. Вратата, во долниот дел на контејнерот, не може лаички да се исправи. Контејнерот мора да се сервисира за повторно да може да се користи. Тој или тие што ја оштетиле имале намера да пребараат и да земат дел од одложениот електричен отпад. За што, само тие знаат.
Во комплексот на „Вел сити мол“ постојат уште три други контејнери за одлагање на стакло, хартија и пластика. До нив е поставен и еден контејнер за смет. Според овие граѓани тој не е доволен. Сите контејнери се наредени покрај оградниот ѕид на Гарнизонот „Алексо Демниевски Бауман“ но само овој контејнер е оштетен.
Жителите и на овој комплекс, како и многумина други сограѓани, сметаат дека единствен спас за заштита на урбаната опрема во градот е поставувањето на систем со видео надзор. Се додека не се постави, сметаат дека нема да престане дивеењето низ улиците, особено, во вечерните и ноќни часови, кога слабото улично светло не влијае на темнината.
Убавка Јаневска