СВР Велес одржа едукативен квиз во детската градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци

Отсекот за превенција при СВР Велес, во рамките на сообраќајно – воспитната акција насловена „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Кавадарци, вчера, реализираа едукативен квиз во градинката „Рада Поцева“ под мотото „Весел детски семафор“ на кој учествуваа дечиња од сите општински градинки на подрачјето на Кавадарци.
-Врз основа на претходни предавања и примена на основни сообраќајни правила, прописи и сообраќајни знаци, дечињата беа поделени во четири групи и одговараа на прашања прилагодени за нивната возраст пред жири комисија од членови од Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Кавадарци и полициски службеник од Отсекот за превенција при СВР Велес. Целта на активноста е развивање и унапредување на сообраќајното образование и воспитување на дечињата од предшколска возраст, како и унапредување на општата безбедност на сообраќајот на патиштата како предизвик од општествен интерес, и секако – преку континуирана едукација минимизирање на бројот на сообраќајни незгоди, велат од Министерство за внатрешни работи.
Исто така, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес заедно со полициски службеници од Полициска станица од општа надлежност Кавадарци на повеќе локации во Тиквешијата, ја спровеле и превентивната активност во рамките на кампањата – „Заштита на шумите од кражби на дрва“ и ,,Пламените јазици се незапирливи“.

-Притоа, во непосреден контакт и разговор со граѓаните полициските службеници укажуваа дека шумите се нашето богатство кое што сме должни да го чуваме и заштитиме, а секое незаконско сечење на дрва е кривично дело, па во таа смисла строгото почитување на законите претставува граѓанска обврска. Во рамки на разговорите беше апелирано до граѓаните за потребата од внимателност и совесност, но и за потребата за благовремена соработка и комуникација со надлежните служби, вклучително и полицијата во интерес на превенцијата од штетите и последиците од бесправното сечење на шумите како и заштитата од пожари, додаваат од МВР.
На граѓаните им биле поделени и едукативни печатени материјали со информативни содржини изработени во соработка со „Национални шуми“ и Шумска полиција.
Дума.мк
