Taктичко показни вежби за евакуација при елементарна непогода, на ученци и вработени во училишта, една од програмските приоритети на велешки Црвен Крст (фото)
Ваков вид на вежби во годишните програми за работа на Општинската организација на Црвен Крст се планирани во просек од три до пет. Но се организираат многу повеќе затоа што за нив постои интерес како од страна на училиштата така и од учениците. За Црвен Крст Велес ваквиот вид на вежби и интерес за нив се од особен интерес бидејќи обучените ученици и наставници стекнуваат знаења кои се од непроценливо значење.
-Сите училишта, на територијата на трите општини Велес, Чашка и Градско имаат План за евакуација. Тој план преку нашите показни вежби се реализира и сите учесници стекнуваат знаења како за најкратко време и организација да се напушти училиштето без притоа да се создаде метеж. Од особено значење на овие показни вежби е соработката што ја имаме со СВР Велес, Центар за управување со кризи, Итна медицинска помош и училиштата. Компакноста во учеството на сите ги дава резултатите, рече секретарот на велешки Црвен Крст, Орце Николов.
На последната ваква вежба реализирана во Општинско основно училиште „Тодор Јанев“ од Чашка учениците и наставниците успешно и навремено ги напуштија просториите. Сите на збирното место во училишниот двор учествуваа во показни вежби врз нив во коишто демонстрираа повредени во симулирана насреќата.
Вежбите ги изведе обучен тим за прва помош од Општинската организација на Црвен крст од Велес, предводен од Др. Марија Давчева, тренер по прва помош со над 25-годишно искуство во областа.
Во тактичко показната вежба освен Црвен крст и училиштето беа вклучени и претставници на СВР Велес.
Убавка Јаневска