Ученици од велешко Горно Оризари на проект„Еразмус +“ видоа како се вклучени во образованието нивни врсници во соседна Грција (фото)

Објавено на 29 мај, 2025 во 15:08

ООУ„Рајко Жинзифов“ за прв пат реализираше Еразмус+ проект. Проектот: Подобрување на глобалните перспективи, поттикнување на образовната извонредност и културна размена овозможи шест ученици, со менторките Александра Здравковска, наставничка по математика и Весна Јанковска, одделенска наставничка да претстојуваат седум денови во основното училиште „Платон“ во градот Катерини во Р. Грција заедно со уште осум наставници на велешкото училиште.

-Целта на проектот е вклучување на учениците во наставни активности, продлабочување на глобални перспективи, размена на културни вредности, поттикнување на самостојност, тимска работа и одговорност. Од нашето училиште група ученици со нивните ментори и група наставници го посетија училиштето „Платон“ во Катерини, каде имаа прилика да се запознаат со наставата во истото училиште, се разменија искуства и културни вредности, се стекнаа нови пријателства. Особено значајна беше меѓусебната размена на добри практики помеѓу наставниците. Учениците освен во образовните активности беа вклучени и во презентирање на културните вредности како што се грчките танци и македонските ора како и посетата на значајните културни споменици во градот, наш домаќин, рече Тања Николова директорката на ООУ „Рајко Жинзифов“.

Велешките ученици и наставници се задоволни од гостопримството на домаќините укажано од 11 до 17 мај, годинава, како и за можноста да се сретнат во некој друг проект од програмата „Еразмус +“.

Проектот финансиски беше поддржан и спроведен во рамките на програмата „Еразмус +“ на Европската Унија и менаџиран од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во градот Катерини во Р.Грција. 

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.