Учениците ги наполнија училниците во ДСУ РЦОО „Коле Неделковски“, започна учебната година и во останатите три средни велешки училишта (фото и видео)
Сара Стефанова, Павлинка Недева и Благица Накова од Неготино се само три ученички од вкупно 272 ученици кои одлучија да се запишат во прва година во Државното средното училиште РЦОО „Коле Неделковски“ во Велес. Денеска нив, на првиот училишен час, ги затекнавме во училницата на училиштето во која заедно со соучениците ќе се образуваат за идни транспортери и шпедитери. Тоа е еден од вкупно 10 класови со ученици во прва година во ова државно средно училиште во Велес.
Трите ученички се сместени во средношколскиот дом и секоја од нив кратко ни соопшти зошто избрала да учи во училиште кое што нуди стручно образование.
И годинешните уписи на ученици, во учебната 2024/25 година, покажаа дека средното стручно образование е интересно за голем број на деветооделенци. Додека ја даваше изјавата кај директорката Весна Стојановска Богоева доаѓаа родители со деца барајќи место повеќе за запишување во прва година во ДСУ РЦОО „Коле Неделковски“.
Полните училници и холови со вкупно 942 ученици кои ги затекнавме денеска во училиштето, за некој ден, ќе бидат претесни затоа што таму ќе доаѓаат и граѓани и граѓанки кои покажуваат интерес за преквалификации. Ова државно средно училиште е прво во Општина Велес со верификувани програми за држење на обуки за аргон заварувач, готвач гастроном и возач на виљушкар. Стојановска Богоева истакна дека програмите за обука, за овие три образовни профили, ги напишале професори коишто се вработени во училиштето, верификувани се од Центар за образование на возрасни и истите се сертифицирани од Министерство за образование.
-Нашето училиште располага и со верифицирана Програма за професионален пожарникар која исто така е интересна за голем број на граѓани и не само од Велес туку и од други градови во Македонија. Знаеме дека пазарот на труд диктира нови профили и занимања, со кои не располага формалното образование, и затоа како работен колектив ние постојано се прилагодуваме на потребите на пазарот на труд. Веќе со колегите напишавме програма за неформално, поточно за образование на возрасни, додаде Стојановска Богоева.
Директорката најави и започнување на процес на валидација на стекнати вештини, пред две години спроведен проект во средно училиште во Скопје, и даде можност на пет регионални центри а меѓу нив е и државното средно училиште – регионален центар за стручно образование и обука „Коле Неделковски“ да ги проценува стекнатите вештини на граѓаните кои не поседуваат документ којшто потврдува дека ги поседуваат. Поточно колкав е степенот на стекнати вештини со кои располагаат, потребно ли е дополагање на одредени испити за да се стекнат со документ кој што поразличен е од дипломата за која се образуваат учениците во редовното образование. Особен интерес има за програмата за ракувач на виљушкар.
Во училиштето денеска, на почетокот на учебната 2024/25 година, беше одбележан и празникот на патронот Коле Неделковски поточно денот на прераната смрт на младиот поет и револуционер кој својот живот го положил за слободата на Македонија.
Убавка Јаневска