Учениците од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ одржаа проекција на својот филм „Неизговорено“ – упатија моќна порака

Објавено на 29 април, 2025 во 12:24

Учениците од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ организираа филмска проекција на својот краток филм насловен како „Неизговорено“, дело што на исклучително чувствителен и автентичен начин проговорува за потребата од безбедна и поддржувачка училишна средина. Овој креативен труд на младите не користи многу зборови – туку дозволува тишината да ја пренесе најсилната порака.

Филмот испраќа силна порака дека секое дете и секој млад човек има право да расте, учи и живее во средина без малтретирање, злоупотреба и дискриминација. Нивниот повик е јасен – во општеството мора да владеат емпатијата, разбирањето и заедништвото како основа за позитивни вредности.

-Во животот многу работи ќе останат неизговорени, но младите нема да дозволат да остане неизговорена нивната потреба и право да бидат еднакви, слободни и прифатени од другите и од општеството. Преку филмот „Неизговорено“тие ни покажаа дека не секогаш се зависи од нас, но ние можеме со нашите постапкида бидеме пример за другите и да ги охрабриме да се соочат со себе си, со животот и со општеството, соопштија од велешкото училиште.

„Неизговорено“ е дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, имплементиран од Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, со финансиска поддршка од Детската фондација „Песталозци“. Проектот се реализира во партнерство со Коалицијата на младински организации – СЕГА, Лабораторија за социјални иновации – Смарт АП и Македонскиот центар за граѓанско образование.

Од страна на училиштето посебна благодарност е упатена до поддржувачите на проектот, со надеж дека нивната поддршка ќе продолжи и понатаму, преку иницијативи кои го штитат правото на младите на безбедна и вредносна средина за раст и развој.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.