Вардар се излеа на двете страни на кејот во центар на Велес, ЦУК побара од Општина Велес да постави правилна заштита (фото)

Објавено на 2 април, 2025 во 16:29
Фото: Кеј на река Вардар во центар на Велес

Вардар, денеска напладне, во Велес , се излеа од речното корито и ги поплави двете страни од кејот. Висината на водата е стигната до вторите, повисоко позиционирани скали на кејот. На источниот брег, долу на платформата на кејот, и веќе во водата има поставена импровизирана црвена лента која треба да ги опоменува граѓаните да не се доближуваат, но неа во секој момент може водостојот да ја однесе. Останатите скали немаат поставено ниту таква црвена лента.

Фото: Кеј на река Вардар во центар на Велес

Дума.мк го прашаше Центар за управување со кризи чија е надлежноста за поставување на соодветни одбележувања за опасноста од доближување до излеаната вода. Особено за децата, кои учат во ООУ„ Панко Брашнаров“ и чии обид, на две помали групи, да се симнат по скалите на кејот до Мало Мовче, во 11:59 часот го спречија граѓани кои се затекнаа на оваа локација.

Фото: Кеј на река Вардар во центар на Велес

Според изјава на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов бидејќи се работи за речен тек во урбана средина, надлежноста и обврската во, вон и околу речното корито е на Општина Велес.

-Преку Регионален центар на ЦУК во Велес, веќе е направена дојава кон Општина Велес и во исто време е побарано веднаш да излезат на терен и извршат правилно и видливо одбележување на опасноста, одговори Ангелов на новинарското прашање.

Фото: Кеј на река Вардар во центар на Велес

Според велешките кајакари, во изминатите 24 часа, нивото на водата во речното корито на река Вардар е повисоко за еден метар. Тие тренираат во реката во близина на Градски парк. Според кајакарот Благојче Гугинов поплавени се дрвјата на брегот на реката во Градскиот парк.

Фото: Градски парк Велес

Претпладнево според мерењата на УХМР водостојот на Вардар во Велес изнесуваше 170 сантиметри и во соредба со минатата недела е двојно повисок.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.