Вечерно набљудување на ѕвездите во Неготино како дел од научен фестивал за лето 2025

На магичната локација кај спомен костурницата во Неготино, се одржа вечерното ѕвездено набљудување. Настанот започнал во 21:00 часот и траел до полноќ, кога голем број на љубители на астрономијата и природата се собрале на едно место и уживале во глетките.

-Младите истражувачи имаа уникатна можност да ѕирнат во бесконечноста преку телескопите на Ековита и да го набљудуваат месечевиот пејзаж во неверојатни детали. Интересот беше голем, а телескопите беа постојано окупирани од љубопитни погледи, додека лунарниот релјеф го откриваше својот магичен свет, истакнаа од организацијата на настанот – Регионалното здружение за заштита на природата „Ековита“ од Неготино.
„Ековита“ потсетија дека ова не е прв пат да се организираат вакви астрономски настани на различни локации во регионот. И досега, бројни граѓани се приклучија на ваквите вечери, уживајќи не само во гледањето на ноќното небо, туку и во научните објаснувања и податоци за вселената.

Исто така додадоа дека овој настан е дел од програмата на „Неготинско научно лето“ и во следните недели ќе се одржат и други интересни настани кои ќе ги збогатат активностите на љубителите на науката и природата.
Стефани Манева
