Уставен ненадлежен за хотелот во Горно Врановци !?
Уставниот суд на денешната седница се прогласи за ненадлежен да ја оценува иницијативата за преиспитување на одлуката на велешкиот совет со која Велес и го подари хотелот Горно Врановци на Чашка. Според објаснувањето на судот се работи за поединечен акт, а уставниот не ги работи овие случаи.
Во исто време претседателот на советот Славчо Чадиев се спаси од разрешување. Владеачкото мнозинство ја тргна од дневен ред точката за негова интерпелација која ја предложи опозицијата. Советниците од ВМРО ДПМНЕ немале доволно време да се подготват бидејќи материјалите за седницата ги добиле 5 минути пред нејзиниот почеток.
– Се работи за сериозна одлука која не се носи секој ден. Невозможно е да разговараме за неа без да го видиме објаснувањето – вели Александар Колев, координатор на советничка група на ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот на советот се правдаше дека општинската администрација е виновна.
– Бевте известени дека дополнително ќе ги добиете материјалите, а за тоа што не сте ги добиле не сум виновен јас, туку општинската администрација – вели Славчо Чадиев, претседател на советот.
За опозицијата пак ова е уште еден доказ дека власта сака да ја истурка идејата на незаконски начин да го подари хотелот во Врановци на Општина Чашка, без никој да не одговара за тоа. Токму тоа и стои во објаснувањето за разрешување на Чадиев.
– Се работи за политички монтиран процес, а со тоа што ќе ја обвините администрацијата нема да не убедите ниту нас ниту пак велешката јавност – вели Данчо Стојановски, советник од СДСМ.
Инаку на 11 јули советот ја изгласа спорната одлука чие извршување подоцна инспекторатот во министерството за локална самоуправа го стопираше со образложение дека една општина не смее да подарува сопствен имот туку само да го продава и дека на седницата на која е донесена одлуката е прекршен деловникот за работа. Денешната одлука на Уставниот суд да не ја разгледува законитоста, од Општина Чашка, го протолкуваа како позитивен одговор за нив. Најавија дека откако пропаднаа двата обиди да се продаде хотелот по цена од 500 и 400 илјади евра ќе ги известат сите потенцијални инвеститори дека хотелот е повторно на продажба.