Скапата струја и бензин не ги погодија велешани кои протестите ги следат на телевизија
Во Велес е мирно, во исто време во Скопје, Битола и Штип се протестира. Прескапата струја, бензин и парно ги натераа на улични протести граѓаните кои се револтирани од се потешката живеачка. Велешани запрашани дали знаат зошто нема протести во нивниот град, само креваат раменици.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=jZsVnLXabSY&feature=plcp|500|281|0{/youtube}„Нема кој да протестира, нема ништо во Велес, се е штама. А сите се без работа, по улица и чаршија се шетаат. Јас сум пензионер земам 8 илјади денари месечно и само јас си знам како го поминувам месецот“, вели велешанец.
„Ние велешани подруг народ сме, најверојатно поплашлив. Сите дома си седиме, молчиме и вриеме“, вели велешанка.
Велешанецот Игор Смилев е еден од ретките кои и после два месеци од првиот собир организиран од граѓанската асоцијација „АМАН“ редовно патува во Скопје на протестите. Жали што неговите сограѓани не смогнаа сили да кажат не на вртоглавите покачувања на цените.
„Познавам луѓе кои постојано се жалат дека им е тешко, темно, мрачно и влажно, а не се ни обиделе да излезат од својата сопствена сенка. Јас одамна излегов борејќи се против сопствениот мрак и против мракот во кој се обидува регулаторната комисија да го стави македонскиот народ“, вели Игор Смилев, поддржувач на протестите.
Зачудува фактот што Велес кој е познат по граѓанскиот активизам особено за еколошките проблеми, а за социјалениот проблем не пројави интерес, иако е еден од најпогодените градови од транзицијата вели велешанецот Димитар Апасиев кој е дел од здружението за социјални права „Ленка“ и голем поддржувач на протестите.
„Мислам дека таа уплашеност и апатичност на народот е една од главните причини кои што ги демобилизира. Уште однапред луѓето се ставени во некоја инфериорна позиција дека немаат што да постигнат кога спроти себе имаат гломазна бирократија која им наметнува принципи и стандарди на однесување, сметаат дека тие се неспособни за делување. Меѓутоа тој менталитет со текот на времето се обидуваме да го промениме и ние како „Ленка“ да го стимулираме граѓанскиот отпор и граѓанската иницијатива“, вели Димитар Апасиев, активист на „Ленка“.
За два месеци регулаторната комисија не се одзва на прозивките од Аман. Сега ова здружение со помош на Ленка ќе се обиде да ги реализира барањата по правен пат. Во меѓувреме масовноста на протестите опаѓа и во другите градови, вели Смилев. Сепак повика граѓаните да не се откажуваат од борбата за социјални права.
„Најдоброто и највозвишеното нешто што можеме да го сториме за себе е да протестираме за себе. Тој личен акт ќе го следат многумина други и протестирањето за себе фактички ќе биде протестирање за сите други“, вели Смилев.
Тој и оваа сабота ја помина рамо до рамо со активистите од АМАН и револтираните скопјани. Се надева дека неговиот пример во иднина ќе го следат многу велешни.