Дијабетот, болест што му се заканува на човештвото!
На плоштадот „Сармаале“ денеска велешани бесплатно го измерија нивото на шеќер во крвта. Многу граѓани кои случајно на пладне поминаа по главната улица во градот одлучија да се тестираат. Дел од нив се дијабетичари.
Имаше и голем број на велешани кои посакаа за првпат да ја направат оваа контрола и да ја дознаат фактичката здравствена состојба.
„ Покрај пациентите кои боледуваат од дијабет и се на инсулинска или таблетарна терапија имаше и граѓани кај кои за првпат откривме покачено ниво на гликемија. Меѓу првите сто кои направија тест откривме десет велешани со покачено ниво на шеќер во крвта. Се разбира, им дадовме совет веднаш да се јават кај матичен лекар и да ги започнат испитувањата,“ рече д-р Елена Ќулумова, специјалист по интерна медицина.
Бесплатната здравствена контрола на граѓаните ја организираа велешкото Здружение „Доверба“ и Сојузот на здруженија на дијабетичари во Македонија.
Тие на ваков начин годинава ќе го одбележат светскиот ден на дијабетесот, 14 ноември, освен во Велес и во уште неколку градови во државата. Превентивата е особено значајна а раното откривање на болеста дава резултати, рече примариус д-р Аврам Ванковски.
„Во Македонија има 136 илјади граѓани кои боледуваат од дијабетес а од нив 40 илјади живеат на инсулин. Состојбата е катастрофална на глобално ниво ако се има во предвид дека вкупно 366 милиони луѓе боледуваат од оваа болест. Значи затоа за оваа болест се зборува како за пандемија. Одлучивме да организираме кампања со која сакаме да им помогнеме на нашите граѓани прво да ја препознаат болеста. Второ, рано да ја откријат и трето, да им поделиме совети како да ја надминат, поточно да не заболат во младоста“, рече д-р Ванковски.
Тој е претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија. Меѓу најзначајните совети што денеска им ги подели на велешани беа редовна исхрана, со три оброци во текот на денот, во кои не е значајно дали ќе има месо туку многу зеленчук и овошје. Нив граѓаните треба подеднакво да ги конзумираат во природна и во обработена форма.
На „Сармаале“ денеска на здруженијата на дијабетичари поддршка им даде мото клубот „Носачи на крстот“. Моторциклистите ги јавнаа моторите и со транспаренти во рацете, возејќи низ градските улици, ги информираа велешани за бесплатната здравствена контрола која се реализираше под јаворот на Фонтана.