За стан во Охрид, правда дури во Стразбур!
После една деценија голгота низ македонските судови не успеал да ја истера правдата,
па велешанецот Милчо Десковски одлучил да ја тужи државата во Стразбур. Пред меѓународниот суд за човекови права се жалел на предолгата процедура за имотен спор и добил. Три илјади и двесте евра од републичкиот буџет деновиве легнале на сметката на Десковски како оштета за предолгото судење.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=i2-tKKAybP0&feature=plcp{/youtube}
„Почна во Основен суд – Велес, продолжи во Апелационен суд – Скопје. Потоа постојано се враќаше по жалби назат, па стигна до Врховен суд и се така во круг. Си играа пинг – понг со мене“, вели Милчо Десковски.
Десковски имал приватен спор со негов роднина за имот во Охрид. Се чуди како можело тукашните судови да се толку неажурни наспроти европскиот кој експресно ја прифатил неговата жалба. Му здосадило макотрпното докажување па веднаш се согласил на понудената спогодба со државата иако смета дека ако одел до крај ќе земел три пати повеќе оштета. Вели дека државата заслужува да е казнета бидејќи дозволува граѓаните да бидат заложници на судствто.
„Тоа е срамота. Само тие се најголемите кочничари на државата што не може да тргне напред. Не може 650 судии во Македонија и 1 800 адвокати да си играат и да ја одредуваат судбината на народот. Тоа само Бог го може“, вели Десковски.
Ова е само еден од најчестите примери за тоа зошто македонските граѓани се одлучуваат да ја тужат сопствената земја. Од 107 случаи на жалби во Стразбур во последнава година најчеста причина за нив е судење во неразумен рок. Во споредба со претходните години бројот на тужби е зголемен двојно па и тројно, а за една деценија Република Македонија исплатила 1,5 милион евра оштета на граѓаните кои ги добиле споровите во Стразбур.