Теле или крава е, мртво е во Вардар!
Мршата е закачена на колтук покрај левиот брег на реката а глетката е грозна.
Во Вардар, на колтук помеѓу Нов и Мало мовче, од утрово е закачена мрша на говедо. Водостојот на реката е низок па глетката е грозна. Мршата може да се види од двете страни на брегот. Неа први ја забележија рибарите кои таму ловат риба. И тие се чудат за какво домашно животно станува збор и уште повеќе ги зачудува од каде се нашло во водата на реката. Наместо риба некој ден можеби и слон ќе уловиме, велат рибарите.
„Често се случува во реката да бидат фрлени трупови на свињи. Ова е прв пат да видиме теле или крава. Прво глетката е грозна а второ не смее ова да се случува. Се загадува животната средина. Видете ние на десеттина метри ловиме риба“ рече рибар.
„Крај нема, но мора да се стави крај на оваа појава. Општината е надлежна за оваа работа и нека си превземе мерки, нека ги открие оние кои го кршат законот и прават паланка од градот“ рече рибар.
Глетката ја коментираа и случајни минувачи покрај кејот на Вардар. Тие бараа трупот на животното што поскоро да се отстрани од водата. Ги прозваа службите на општината и побараа поголема ажурност во нивната работа.
Дума.мк ги праша општинските службеници кога ќе превземе мерки за отстранување на мршата и за заштита на Вардар од несовесните граѓани кои фрлаат животни. Тие рекоа дека ќе излегле на лице место и ќе превзеле мерки.