Скромно новогодишно расположение во Велес
На неколку дена пред дочекот на новата 2013 година во Велес само Дедо Мраз е целосно подготвен.
Тука како ништо да не се случува, по некој новогодишен попуст и украсен излог го збогатуваат амбиентот, но градот е скромно украсен велат велешани, а и тие не се многу подготвени за најлудата ноќ во годината.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=MAkwsdnkJ9A{/youtube}
Од атмосферата и заработката не се задоволни ниту традиционалните продавачи во центарот. Тезгите крцаат, но купувачи нема.
Ако минатите години туристичките агенции триеја раце пред продажбта на новогодишните аранжмани, годинава се разочарани. Човек не наминува во агенциите, а единствено што ги охрабрува е побарувачката на Истанбул и тоа поради актуелноста на турските тв серии.
„Аранжманите предвидуваат патување до местата каде што се снимале турските серии, дали е тоа вистинското место или пак куќа никој не може да каже, но сепак кај патниците пали тоа па поради ова одат да го посетат Истанбул“, вел Златко Велковски, туристичка агенција Феникс.
Општината најавува дводневна новогодишна програма и тоа на улицата пред Гимназија. Во соработка со кафулињата ќе го организира дочекот на кој вечерта ќе има народна музика од чалгискиот оркестар на МРТВ и забавна музика со групата „Тоа е тоа“ на Мико Јовановски – Џафер, Венко Серафимовски и Љупчо Трајковски – Фис.
„Музика за сите вкусови и за секоја атмосфера и јас сум убеден дека со својот настап овие врвни професионалци ќе успеат да направат атмосфера која долго време ќе се памети. Ова го правиме заедно со сопствениците на кафулињата кои изразија желба за соработка и јас сум убеден дека оваа локација ќе привлече голем број наши сограѓани кои за време на дочекот ќе бидат во градов. Ги повикувам да излезат и барем некое време да се дружат заедно со нас“, вели Горан Петров, градоначалник на Општина Велес.
Светот поклопувањето на стрелките ноќта на 31 декември го прославува спектакуларно, велешката атмосфера ќе биде далеку од ова. Но, желбите насекаде се исти – следната година да биде многу посреќна од претходната.