Велешките фризери и козметичари бараат средба со министерот за социјала!
Управата за јавни приходи наместо да им помогне им одмогнува во борбата со нивните колеги кои работат на диво.
Државата не стори ништо за да ја уништи нелојалната конкуренција во козметичарскиот бизнис во Велес, се жалат регистрираните фризери и шминкрери. И по еден месец откако поднесоа петиција до Управата за јавни приходи, нема ниту еден затворен имрповизиран салон за убавина. Поради ова тие ќе бараат средба во министерството за Труд и социјална политика.
„Мора да разговараме со министерот Спиро Ристовски и да му го кажеме нашиот проблем. Подготвени сме во нашите салони да вработиме дел од луѓето кои сега работат на црно во домашни услови, но ни треба поддршка од институциите. Тие се оние кои треба да го спречат дивото работење кое преставува голема нелојална конкуренција за нас“ , рече Томислав Тоцинов, претседател на здружението на козметичари.
Од здружението информираат дека после објавувањето на петицијата добиле многубројни повици и од колеги од други градови.
„И тие го имаат истиот проблем како и ние. Не поддржуваат и ни се приклучуваат во акцијата. Во нареднитре денови ќе се сретнеме и договориме како заедно ќе вршиме притисок врз институциите“, вели Тоцинов.
Во Велес има 30 професионални фризери и козметичари кои имаат салони и редовно плаќаат даноци додека поред нив, 40-тина нивни колеги работат на диво. Преку еснафското здружение, пред еден месец поднесоа барање УЈП за да ги гони оние кои им го земаат лебот, но се жалат дека наместо на дивите, кај легалните занаетчии инспектори тропнале на врата.