Голем пресврт во случајот за платеното убиство на старец од Ореше!
Тргната заштитата на загрозениот сведок кој бара јавно да проговори. Одбраната се сомнева дека ќе разоткрие многу нејаснотии околу контроверзиите.
На „Бреза“ од денес му е отстранет псевдонимот, но судот не сакаше да го каже неговото име се додека не се појави на следното рочиште и јавно не проговори. На негово барање му е тргната заштитата бидејќи како што неофицијално дознава Дума.мк имал многу да каже, а што е поврзано со контроверзиите кои го следат случајот. Ова го потврдува и изјавата што по денешното рочиште ја даде адвокатот на обвинетите за убиството.
„Ова е голем пресврт во судскиот процес бидејќи сведокот ќе мора да одговори на многу битни прашања како што се, кој го натерал да биде заштитен сведок и зошто. Знаеме дека тој беше контроверзен од самиот почеток на истрагата, кога во весник излегоа детали за него и неговото сведочење пред истражниот судија Валентин Зафиров кој поради ова подоцна беше разрешен од функција. Ќе мора овој пат да ја каже вистината“, рече Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на обвинетите.
Според одбраната до сега целиот процес се одвивал без доволно докази, а се темелел само на сведочењето на Бреза за кое сметаат дека ќе биде различно од она на следното рочиште. Тој претходно тврдеше дека Ѓоре Петревски кој е обвинет дека го нарачал и платил убиството на Лазо Милошевски и нему му понудил да го стори грозоморниот чин. Откако не го убедил му кажал оти браќата Ордан и Љубомир Ѓорѓиевски прифатиле и подоцна за пари го убиле Милошевски.
Инаку полномошникот на Бреза објасни дека неговиот клиент е свесен оти за давање лажни искази се лежи и в затвор, но побара обвинителството да го ислуша на рочиштето на 5 – ти февруари па потоа да одлучува дали сторил кривично дело. Ова е само последната котроверзија која го следи овој случај. Уште на самиот почеток наместо инсектори од МВР како што тоа е пракса, истрагата ја водеше ДБК. Детали за него и неговиот идентитет потоа беа изнесени во јавност, а разрешен судијата кој го водеше случајот. Го продолжи друг судија кој ги прогласи за винони убијците, но пресудата падна на апелација. Бреза беше првиот сведок во земјава кој прифати да биде заштитен, но втор после оној од Монструм кој се откажува од заштитата.