Список барања за ЈКП Дервен имаат пазарџиите!
Условите се катастрофални, а претпријатието ќе ги подобри кога ќе се стопираат дивите пазарџии.
Тешко е да се продава на градскиот пазар во Велес, но мора да се работи нешто. Со оваа мисла пет години во пазарните денови од рано утро до доцна попладне Цвета Таневска е на својата тезга.
„Летно време е жешко, зимно време е ладно. Така денот го минеме, за едно лепче, за сто денари пари вадиме“, рече Таневска.
Спроти нејзината тезга Лазо Наумовски продава млечни производи. Тој е позаштитен, но се жали стоката ни оддалеку не е, иако плаќа педесет евра месечно, за како што им било речено се да биде по ХАСАП стандарди.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=eRavnTjLHhM{/youtube}
„Млекото сонцето го пече, па некој муштерија ќе го купи, дома ќе го однесе, ќе рече расипано е. Па по ова јас треба друго да му дава. Не е само штета да ми се прави, јас треба ли да имам фрижидер тука? Летно време да дојдете ќе видите, црви врие тука“, рече Наумовски.
И останатите пазарџии се жалат дека премногу плаќаат, а условите во кои работат се катастрофални.
„Плаќам илјада и сто денари месечно за тезга и триесет од ден за баждар“, рече продавачка
„Не се покриваме, еве денеска му велам помалку да дадам, ми вели не може. Сто денари, а не сум продал три килогами грав и два ориз“, рече продавач.
Слична мака делат сите пазарџии. Велат за разлика од другите градови каде главните пазари се покриени, велешкиот остана ист како што го паметат од секогаш.
„Не е чисто, кога ќе дојдат луѓето од утро треба стоката да ја стават на чисто, а не на ова нехигенско место. Еднаш месечно го мијат пазарот, мора да ги средат работите. Се треба да се промени, од сите страни не капе“ , рекоа продавачи.
Од јавното комунало претпријатие Дервен, кое стопанисува со пазарите знаат за проблемот и се подготвени да вложат во модернизирање на просторот. Но велат ќе соберат пари кога ќе се стопираат дивите продавачи.
„Иако ЈКП Дервен повеќе пати реагираше кај надлежнте институции, пазарната инспекција и полицијата не преземале мерки за нелегалната продажба на улиците околу пазарот“, рече Тодорка Пенкова – Андревска, портпаролка на ЈКП Дервен.
Според претпријатието, 110 тезгаџии продаваат на диво, додека легални се двојно повеќе што е преголем процент за ненаплата на баждарина. Пазарот пак располага со многу поголем капацитет од искористениот.