Владата ја кочи иницијативата на екологистите
Заглави процедурата за измена на законот со која ќе се забрани работа на тешка индустрија во радиус од пет километри до последната куќа во населено место
Идејата да се забрани работа на тешка индустрија во населено место тргна од Велес, ја прифатија и другите градови, но заглави во Влада. На ова реагираат велешките екологисти кои иницираа измена на законот за екологија. Со поддршка на нивните колеги од другите градови собраа 133 потписи со кои иницијативата ги помина сите собраниски комисии. Но премиерот не го става својот потпис потребен за во државната изборна комисија да започне собирањето на десет илјади потписи велат екологистите.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=Wj416dcrx6U&feature=youtu.be{/youtube}
„Нашата иницијатива и после два и пол месеци сеуште го чека сигналот од владата до државната изборна комисија за да може да се започне со собирањто на десет илјади потписи. И покрај секојдневното упорно јавување кај службите во владата постојано не препраќаат од еден до друг службеник со изговор дека ќе биде денес или утре, дека не се тука или незнам уште што ли не, не се случува. Меѓутоа нашето законско право да добиеме одговор во рок од 15 дена е одамна нарушено“, рече Ненад Коциќ, ЕД Вила Зора.
Пред два и пол месеци екологистите ја започнаа постапката со која имаат цел да се забранат фабрики од тешка индустрија да работат на помалку од 5 километри од последната куќа на населените места. Но за измените да се најдат на гласање пред пратениците во собранието мора да се соберат десет илјади потписи. Според законот рокот кој го има владата за да потпише одобрување е 15 дена, но тоа до сега не се случило иако поминаа повеќе од два месеци. Екологистите се чудат како може институциите кои ги носат законите да не ги спроведуваат.
„Не сакам да верувам дека се работи за тенденциозна намера меѓутоа апелирам до надлежните институции да го почитуваат законот и да одговорат на она што им е доставено од претседателот Трајко Вељановски, т.е. да им дадат дозвола или насока на ДИК да почнат да се собираат потребните граѓански потписи со цел да се испочитува ова наше граѓанско и уставно загарантирано право“, рече Коциќ.
Со оваа иницијатива велешките екологисти се обидуваат да го стопираат рестартирањето на топилницата која делумно веќе се наоѓа во градов. Но освен ова сакаат да ги заштитат и другите населби кои се соочуваат со загадување на животната средина. Поради тоа што Владата ја кочи целата постапка тие деновиве ќе испратат преставка до народниот правобранител од кои очекуваат притисок врз институциите.