Училиштата потфрлија на тестот за вклученост на средношколците во процесите на одлучување!
Ова го покажаа резултатите од истражувањето за средношколското организирање и учество во Македонија на МОФ.
Средношколците да бидат застапени и заедно со наставниците и родителите да учествуваат во донесувањето на одлуките во органите и телата на училиштата.
Со измени во законот за средно образование исто така министерството да им се даде можност на учениците да даваат мислење и оценка за работатата на советите, наставниот кадар, администрацијата како и за квалитетот и имплементацијата на наставните програми.
Во самите статути на средните училишта да се внесат формите на средношколско организирање а учениците сами да ги избираат претседателите на класните заедници, на генерациите како и на училиштата.
Ова се приоритетните предлози на средношколците во Велес анкетирани од здружението на граѓани „Младински образовен форум“. Тие ќе бидат испратени до училиштата и министерството.
Резултатите од анкетата беа соопштени деновиве. Тие покажаа дека во државата не постои унифициран систем на средношколско организирање во училиштата а учениците не учествуваат во процесите на одлучување и не се застапени во органите на училиштата.
Не се почитува ниту правото на средношколецот при изборот на претседател на класна заедница. Тоа во нивно име најчесто го прават класните раководители кои ги предлагаат или избираат само редовните, дисциплинирани, примерни и со одличен успех ученици.
„Најчесто само во прва и втора година, професорите им дозволуваат на учениците сами да си бираат претседател на клас, а потоа откако подобро ќе ги запознаат сите ученици тогаш класниот раководител го прави изборот,“ напишал ученик во анкетниот лист.
Средношколците не секогаш се задоволни од квалитетот на наставата, од комуникацијата професор -ученик, од оценувањето, комуникацијата со стручните служби и преставниците на учениците како и од меѓуетничките конфликти и инфраструктурата во училиштата.
Тие сметаат дека не можат да влијаат за решавање на суштинските проблеми бидејќи тоа директно зависи од вољата на професорите и управите во училиштата кои единствено ги консултирале каде сакаат да заминат на матурски екскурзии или прослави.
Меѓутоа дел од проблемот средношколците го лоцирале и кај своите родители кои ретко им давале поддршка на нивните иницијативи.
„Еднаш се собравме шест класа, ни беше ладно и избегавме. Добивме по пет неоправдани. После тоа се собраа родителите и разговараа. Рековме дека ни е ладно а тие ни рекоа ако ви е ладно облечете јакни и толку. Затоа и да сака некој нешто да направи, нема да направи,“ напишал ученик во анкетниот лист на МОФ.